ВИДЕО: Канцерогениот линдан од ОХИС 50 години метастазира, секоја власт го игнорира

од desk4
168 прегледи

Над 50.000 тони канцероген отров повеќе од половина век го уништува здравјето на скопјани и ја загадува почвата, водата и воздухот. Македонската стручна јавност веќе одамна знае за проблемот со линданот закопан во кругот на поранешниот хемиски гигант ОХИС (Органско хемиска индустрија – Скопје). Познати се и последиците кои овој отров ги предизвикува врз здравјето на луѓето и животната средина. Но, сите власти од осамостојувањето до сега го игнорираат најголемиот еколошки проблем во државата.

Оваа токсична бомба веќе половина век е закопана на неколку потврдени и непотврдени локации во Скопје. Двете потврдени депонии со линдан се наоѓаат на територијата на поранешната фабрика ОХИС чија внатрешност сега личи како место погодно за снимање на хорор филм.

Во ОХИС затекнавме напуштени руирнирани згради, искршени прозорци, расфрлани хемикалии, рѓосани буриња полни со разни токсични супстанци и две депонии со линдан кои на прв поглед со ништо не асоцираат дека во нив се крие канцерогена бомба.

Не се знае колку точно тони линдан во 70те и 80те години на минатиот век биле закопани на малата и големата депонија во ОХИС кои потоа биле покриени со земја, но се проценува дека има помеѓу 40 и 50 илјади тони контаминирана почва.

Надлежните убедуваат дека оваа година ќе започне чистењето на линданот во ОХИС, но за целосно да се деконтаминира почвата од двете депонии потребни се помеѓу 40 и 200 милиони евра и тоа би траело од 3 до 5 години.

Чистењето треба да почне годинава

Од Канцеларијата за ПОПс (Persistent organic pollutants) – отпорни органски загадувачи при Министерството за животна средина во разговор за „Мета“ велат дека малата депонија со 10.000 тони почва ќе започне да се чисти до средината на оваа година, за што се обезбедени средства преку Глобалниот еколошки фонд. Во меѓувреме Владата потпиша Меморандум со норвешкото МНР за мобилизирање дополнителни средства за чистење и на големата депонија. Наскоро, со помош на Организацијата  за индустриски развој на Обединетите нации (УНИДО) треба да биде објавен меѓународен повик за избор на технологија за чистење на линданот.

Планот е малата депонија да се чисти во затворени услови, во затворен балон со соодветен притисок за да се спречат дополнителни емисии при ископување. Еден од начините на деконтаминација на почвата е индиреткна термална десорпција. Сузана Андонова од Канцеларијата за ПОПс објаснува дека тоа е всушност процес на загревање на почвата, со уред кој ги собира како кондензат испарените контаминанти.

– Тој кондензат може да биде согорен автоматски, односно на самото место да се уништи или, пак, може да се спакува безбедно и да се однесе во странство на согорување, меѓутоа целата процедура на пакување и транспорт е долга и комплицирана – објаснува Андонова.

Таа додава оти не е рационално целата почва од 50.000 тони да се спакува и да се носи на согорување.

Во најдобро сценарио, проценува Андонова, ако се објави повикот во март, веќе во мај-јуни технологијата треба да почне да работи.

– Кога ќе се донесе технологијата за третирање на лице место, веќе сме завршиле 90 отсто од работата. Кога ќе почнеме со малата депонија, тој што ќе ја обезбеди технологијата, ќе биде обврзан да ја покрие големата депонија со геотекстилна мембрана за да нема понатамошни емисии – вели Андонова.

Технологијата за термална десорпција како најдобра опција ја предлага и поранешниот министер за привлекување странски инвестиции, Аднан Ќахил кој е хемичар и поранешен главен инженер во ОХИС. Според него опремата за термална десорпција може да се користи и за други еколошки жаришта во земјава.

По прочистувањето на почвата планирано е да се изврши биоремедијација, односно чистење со микроорганизми или со растенија, кои ќе го до-чистат остатокот од почвата со пониски концентрации на линдан.

Како настанале депониите со линдан

Фабриката ОХИС освен познатиот прашок за перење „Билјана“ и други детергенти, во седумдесеттите години на минатиот век во одделот за базни хемикалии произведувала и хексахлорциклохексан (ХЦХ) кој има пет изомери. Гама изомерот на овa органскo соединение е всушност линданот кој тогаш бил конкурентен за производство затоа што на големо се користел како инсектицид. Во 2009 година како пестицид влегува во Стокхолмската конвенција која Македонија ја има потпишано во 2005 година и е забранет за употреба во повеќе од 50 земји.

Ќахил, како екс главен инженер во ОХИС, вели дека линданот престанал да се произведува кога се дошло до сознание дека покрај тоа што уништува инсекти, уништува и луѓе и е многу канцерогена супстанца. Објаснува дека линданот се произведувал во големи количества бидејќи ОХИС го опслужувала и југословенскиот пазар, но и пошироко.

– Одеднаш се стави ембарго, забрана на извоз на вакви производи – вели Ќахил објаснувајќи дека потоа е донесена одлуката да се ископаат дупки во кругот на фабриката, тука да се складира линданот и да се прекрие со земја. Така настанале двете депонии.

Според Ќахил, линданот е складиран во прашкаста форма во буриња.

– Велам буриња, но не сум бил присутен и не можам да тврдам со сигурност. Можело да биде во вреќи, но може било фрлано и само со лопати. Но и да било во буриња, толку години се поминати што без разлика и од што да биле направени бурињата, тој веќе е кородиран бидејќи линданот е агресивна супстанца – вели Ќахил.

Освен двете депонии во ОХИС, постојат уште две други

Во кругот на фабриката ОХИС постои и трета депонија во која, според информациите на надлежните, исто така е складиран линдан, но без дополнителни хемиски испитувања на почвата не може да се знае што точно и колку е складирано.

– Имаме информации дека постои депонија на крајот на ОХИС и дека таму наводно има линдан, но додека не направиме прецизни испитувања на почвата, подземните води, околината, не можеме да кажеме дали е тоа вистина. Не се знае колку количина е таму фрлена затоа што и тоа е измешано со почва. Во дупката може има пет тони, а може има и 50 бидејќи не знаеме колку е длабока – вели Ќахил.

Основци на екскурзија веднаш до линданот

Властите, исто така, треба прецизно да ги испитаат и тврдењата на дел од вработените во ОХИС дека во месноста Пеленица, во Драчево, постои уште една дива депонија со линдан. Наводно, уште пред да се направат малата и големата депонија во фабриката таму се складирани 8.000 тони линдан.

Местото кое што е можна локација на дивата депонија, е необележано, неоградено и не постои знак кој информира дека на тоа место е можно да се наоѓа токсичен канцероген отпад. Во непосредна близина на депонијата се наоѓа манастирот Преполовение Руса Среда каде ученици од основните училишта со години се носеа на еднодневни екскурзии.

По пишувањата на „Мета“ за оваа депонија, Министерството за образование им забрани на училиштата таму да организираат екскурзии, а Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) вети дека локацијата ќе биде оградена до крајот на минатата година.

Оградувањето, сепак, не се случи до крајот на 2018 година, а новите најави од Министерството се дека тоа ќе се случи до крајот на јануари. Државната секретарка во МЖСПП Ана Петровска вели дека тоа ќе биде првата јавна набавка на МЖСПП.

Огромни последици врз здравјето

Меѓународната асоцијација за истражување на канцер го класифицира линданот во група 1 канцерогени супстанци со доволно докази дека предизвикува не-Хочкин лимфом. Долготрајната изложеност на линдан со вдишување кај луѓето се поврзува со заболувања на црниот дроб, крвта како и нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Андонова вели дека линданот и сите хемикалии од ПОПс листата од Стокхолмската конвенција имаат слични особини и функционираат на принцип на мимикрија.

-Значи влегува хемикалијата во организмот како прикриена, како замаскирана, а организмот ја препознава како свој хормон, естроген, тестостерон, прогестерон итн и кога ќе ја препознае како таква, дава одговор и ги зајакнува симптомите на хормонски дисбаланс, а тоа го пореметува репродуктивниот систем – вели Андонова и додава дека линданот се таложи во мозокот и предизвикува генетски малформации и ендокрини пореметувања во хипофизата.

Татјана Чакулев од еколошкото здружение „Иницијатива О2“ ги потврдува информациите дека изомерите на ХЦХ се канцерогени, имунотоксични и неуротоксични.

– Предизвикуваат оштетувања на црниот дроб и бубрезите, делуваат на кардиоваскуларниот систем, предизвикуваат репродуктивни пореметувања и развојни дефекти кај децата. Линданот и другите ХЦХ изомери, исто како и диоксините, се таложат во мастите на организмот, се акумулираат и се пренесуваат преку мајчиното млеко на доенчињата. Ја преминуваат плацентата и предизвикуваат пореметувања кај плодот во развој – потенцира Чакулев.

ОХИС крие и други отрови

Освен илјадници тони канцероген линдан, на територијата на ОХИС складирани се и други отровни хемикалии, но никој со сигурност не знае што се се крие таму и во колкава количина.

-Во ОХИС има многу отровни супстанци, има жива, има монохлороцетна киселина, има пестициди, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери, ПВЦ во прав и многу други супстанци, постои цела листа на хемикалии кои ги има ОХИС – вели Ќахил и додава дека не знае со сигурнсот дали овие материи се соодветно складирани.

Снимките од дворот на фабриката покажуваат дека најверојатно дел од овие супстанци не се соодветно чувани, а дел од нив се расфрлени по подот на напуштените згради на хемискиот гигант. Во дворот забележавме и кородирани буриња кои служеле за чување на хемикалии кои со тек на времето скапале, па сега хемикалиите се растечени насекаде и впиени во почвата.

Дека во фабриката е складирана жива, која е неуро токсична, потврдува и Андонова.

– Има жива во делот каде што бил погонот за електролиза. И живата исто така ќе биде предмет на идно чистење, а би било добро ако може да се искористи технологијата што ќе се одбере за чистење на лиданот. Нема точни истражувања колкава е количината на жива што ја има таму, но има слики каде што се гледаат цели локви од жива што значи на отворено таа испарува цело време – вели Андонова.

Еколошки приоритет број еден

Меѓу експертите од областа на животната средина воопшто не е новина фактот дека ваков хорор се крие закопан и заборавен во хемиската фабрика ОХИС во Скопје. Отров во огромни колечества на кого властите му оставиле половина век да метастазира и да допре до сите елементи на животната средина: водата, почвата и воздухот. А, преку нив да се прошири и предизвика трајни последици врз здравјето на граѓаните на главниот град.

Автор: Симона Атанасова

Мета

Слични содржини