Бугарската историографија не прифаќа македонска етничка содржина на терминот Македонец. Според неа, тоа е „регионим“ само за географска припадност, објаснува професорот Драги Ѓоргиев, за DW.
Дебатата околу тоа „чиј е Гоце Делчев“, од македонско-бугарската Заедничка комисија за историски и образовни прашања целосно се прелеа во јавноста, на едно разочарувачко ниво. За ваквата состојба придонесоа, пред сѐ, бројните и исклучиви изјави на бугарски политичари за постоење на „една и единствена вистина“. За несаканата насока во која тргна расправата за дел од историските прашања, а која се одразува на македонско-бугарските односи, разговаравме со професорот Драги Ѓоргиев, историчар и претседател на македонскиот тим во Заедничката комисија.
ДВ: На кој начин разговарате во Комисијата за ова прашање?
Ѓоргиев: За жал, расправата за Гоце Делчев во јавноста навистина доби една драматична димензија, што, всушност, секогаш се случува кога се отвораат вакви чувствителни прашања. Одеднаш сите стануваат бранители на националните интереси препознаени според сопствените убедувања и, се разбира, емоциите и тензиите се креваат на највисоко ниво. Тоа само покажува колку и двете општества не се подготвени смирено и без емоции да разговараат за овие прашања и да се сослушаат меѓу себе. Убеденоста дека вистината е само на едната страна го прави дијалогот речиси невозможен. Но, морам, исто така, да кажам дека ваквата расправа не е толку резултат на работата на Комисијата, колку што е резултат на политички изјави, пред сѐ од бугарска страна. И тие изјави, сѐ почесто навредливи, за една и единствена вистина, продолжуваат и натаму, и ја држат тензијата во јавноста. Исто така, тие изјави ја покажуваат и својата контрапродуктивност, нанесувајќи им огромна штета на меѓусебните односи. Кога историјата се става во функција на политиката и станува дневнополитичка тема на вечните самопрогласени бранители на националните каузи на двете страни, не може да се очекува нивото на дискусијата во јавноста да биде поинакво. Сепак, Комисијата за ова прашање работи во многу попристојна атмосфера, врз база на подготвени текстови и врз база на аргументи и факти.
Пренесувањето на посмртните останки на Делчев од Бугарија во Скопје, од бугарски политичари беше опишано како најголемото национално предавство извршено во комунизмот. Тоа е истиот комунизам во кој се образувал и денешниот политички врв на Бугарија, но и историчарите со кои денес седите во иста Комисија. Може ли Комисијата објективно и неутрално да ги разгледува историските факти, ако тамошни политичари дискусијата ја наведуваат кон историски дисконтинуитет и низ идеолошка призма која гласи – „тоа што било во комунизмот не го признаваме“?
Нашиот предлог – како ден за чествување на личноста на Гоце Делчев, меѓу другите јубилејни датуми, да биде и 7 октомври, денот кога во 1946 година неговите посмртните останки беа предадени на НР Македонија, од бугарска страна беше доживеан како провокација. Тоа беше образложено со фактот дека тоа е едно од најголемите национални предавства во Бугарија направено од комунистичкиот режим предводен од Георги Димитров, во контекст на соработката со Тито, а под притисок на Сталин, и дека за нив тоа е едно „отфрлено“ време. Во контекст на вашето прашање, моето чувство е дека тука не станува збор за историски дисконтинуитет, туку за перцепција на еден период од сопствената историја кој е крајно непожелен во сопствениот национален историски наратив и чии резултати не се прифаќаат, па дури може да се бара и нивна ревизија. Не е можен историски дискунтинуитет, бидејќи не станува збор за еден настан, за инцидент, туку за 45 години историја кои не можете едноставно да ги отфрлите. Во секој случај, не е можно да се прави селекција на минатото од аспект на она што е прифатливо од денешна перспектива.
Кога во Комисијата ги соочувате историските документи и факти, добивате ли појасни сознанија за тоа дали и во која мера, нашата историјата е инфицирана од „аргументи“ кои се далеку од вистината?
Историските факти и документи се едни и исти и за македонската и за бугарската историографија. Писмата што ги пишувал Гоце Делчев, или она што го пишувале другите до него и за него, е едно и исто и за двете страни. Она што е различно е толкувањето на тие факти и документи. Очигледно, во таа архивска документација и двете историографии наоѓаат аргументи во однос на идентитетот, не само на Гоце Делчев, туку и на други важни личности од тоа време. Кога се зборува за кој било историски период, а особено за период кој политички, верски и културно е крајно хаотичен, и кога тоа се случува во едно општество какво што било османлиското, недозволувањето на поинакви толкувања на одредени процеси и тврдењата дека постои само една вистина, е нешто околу кое треба да се биде внимателен.
Од нашиот сосед најчестите тврдења се дека Делчев бил Македонец, но само според географската припадност, а не и според идентитетската. Што велат историските документи со кои располага земјава?
Да, тоа е објаснувањето на бугарската историографија кога во документите од тој период ќе се сретне терминот „Македонец“. Бугарската историографија не прифаќа македонска етничка содржина на терминот Македонец, не само во тој период, туку и подоцна. Според неа, тоа е „регионим“, и терминот „Македонец“ има само географска припадност, но не и етничка. И синтагмата „македонски народ“ според таа историографија се однесува на сите што живеат на територијата на Македонија во тоа време, меѓу кои најбројни се, се разбира, Бугарите. И овде повторно доаѓа до судир во толкувањата на тие термини. Во писмата на Гоце Делчев се среќаваат и терминот „Македонец“, и терминот „Македонка“, и синтагмата „македонски народ“, и се разбира објаснувањето и толкувањето е различно во двете историографии. Но, овде сакам да истакнам дека од огромна важност е да се има предвид уште еден важен и силен идентитет присутен во тоа време, а тоа е македонскиот политички идентитет. Тој политички идентитет, покрај регионалниот, бил присутен и кај Гоце Делчев, но и кај другите револуционери од Македонија во тоа време. Несомнено тој идентитет е дел од нашиот национален наратив како основа на денешната независна македонска држава, но тој може да се смета и како преднационален македонски идентитет.
Како вие лично сметате дека може да се реши ова прашање?
Потребно е многу време, многу трпение, и многу напорна работа, не само на Комисијата, туку и на елитите во двете општества. Потребно е да се организираат дебати за овие чувствителни прашања, каде отворено ќе се разговара и преку кои двете општества заеднички ќе созреваат и ќе растат во однос на овие историски контроверзи. Притоа треба да се има предвид дека ниту една од страните не треба да претендира дека ја има апсолутната вистина и не смее да си дозволи да ја „натера“ другата страна да ја прифати таа „апсолутна вистина“. Решавањето мора да биде процес кој ќе трае и ќе се одвива преку разговори и соработка, а не политичко решение. Секоја брза одлука донесена под политички притисок би била погубна.
Но, се добива впечаток дека токму од решението на ова прашање ќе зависат македонско-бугарските односи. Колку дополнителни главоболки и проблеми ви создаваат овие аспекти, имајќи предвид дека од нив зависат и интегративните процеси на земјата?
Работата на Заедничката комисија за историски и образовни прашања уште од нејзиното формирање беше ставена на врвот на политичкиот интерес, посебно во Република Бугарија. Несомнено, резултатите од работата на оваа Комисија во голема мера ќе влијаат врз бугарскиот став во однос на македонските преговори со ЕУ. Меѓутоа, сметам дека врзувањето на ставот на Бугарија кон македонските преговори со ЕУ исклучиво со работата на оваа комисија, како и користењето на историските недоразбирања како алатка за притисок, или, уште полошо, како причина за блокирање, би значело недостаток на политичка визија и создавање на уште поголема меѓусебна недоверба.