Патувањето на Марс може да предизвика рак и деменција

од Aleksandar Petrovski
391 прегледи

Патувањето на Марс може да значи голем ризик од рак, слабост на мускулите или деменција, предупредуваат стручни лица.

Американската вселенска агенција НАСА наголемо најавува испраќање луѓе на Марс до 2035 година. Научниците се сè поуверени дека оваа наша соседна планета нуди доволно ресурси за човечки колонии.

Но, како да се преживее шестмесечното патување до Црвената Планета?

Прва пречка е константното зрачење. Научниците од НАСА сметаат дека патувањето до Марс во многу блиска иднина може да се сведе на шест месеци, но притоа луѓето од екипажот би биле постојано изложени на сончевите зраци и разни видови радијација што можат да предизвикаат повеќе видови рак.

Натаму, бестежинската состојба е опасен за коските и мускулите. Истражувањата откриваат дека по само три недели во Вселената, некои мускули се намалуваат за третина, а за време на подолги мисии, физичкиот капацитет на астронаутите може да се намали за 30 до 50 отсто. Сето ова се случува затоа што крвните садови не се толку ефикасни при преносот на кислородот во мускулите и во мозокот. Тоа пак, влијае и на психичката состојба на луѓето.

Недостатокот на гравитација ја нарушува вообичаената циркулација. На Земјата, гравитацијата овозможува правилен проток на крв од срцето кон остатокот од телото, но во Вселената, крвта не се движи на ист начин. На пример, лекарите на вселенските центри кај неколку астронаути кои минале 50 дена во Земјината орбита, откриле рана фаза на развој на тромбоза.

Бестежинската состојба може да влијае и на микрофлората во организмот и на човековиот имунитет, и тоа се само дел од пречките на патот до Марс.

Слични содржини