Агенцијата за ветинг на дневен ред во Собранието – Директорот ќе има петгодишен мандат без право на резибор

од Aleksandar Todeski
229 прегледи

Под името Закон за Агенцијата за вршење на проверка на носители и кандидатите  за носители на јавна функција, денеска на дневен ред во Собранието е Законот за ветинг на сите функционери и кандидати за носители на јавна функција, предложен од ДУИ. Законот, како што велат предлагачите, е со цел граѓаните или телото кое го избира функционерот да ги увидат интегритетот и достојноста на носителот, но и да се намали можноста за корупција, криминал, злоупотреба на службена должност и нарушување на угледот на институцијата која ја претставува лицето.

Законот сепак, не предвидува дали и како ќе се изврши ветинг врз директорот на Агенцијата и неговиот заменик, имајќи предвид дека тие ќе бидат избрани од Собранието, ниту пак како ќе се проверува и генералниот секретар во Секретаријатот, кој ќе ги врши административните работи од надлежност на Агенцијата.

Собраните и анализирани информации, Агенцијата ќе ги објавува јавно, на својот веб сајт, каде ќе бидат достапни за сите граѓани, а проверката ќе се врши за секој функционер, без исклучок на општите и посебните услови определени во друг закон. Директорот и заменикот директор, според предлогот на ДУИ ќе ги избира и разрешува Собранието на Република Северна Македонија, по пат на јавен оглас, а истите ќе имаат мандат од пет години, без право на резибор.

Директорот и неговиот заменик ќе треба да имаат завршено правни, политички или економски студии, но да имаат и осумгодишно работно искуство по завршување на образованието во областа која ја студирале. Платата на директорот ќе изнесува колку онаа што ја зема потпретседател на Собранието, додека пак, заменикот ќе зема плата колку пратеник.

Информациите, Агнецијата за ветинг ќе ги прибира од петнаесет инситиуции, меѓу кои и Кривичниот суд, Народна банка, МВР, УЈП, катастар, Централен Регистар, Царина и Централниот депозитар за хартии од вредност, но се остава простор Агенцијата да бара информации и од други надлежни институции. Со вентингот, доколку се изгласа Законот, би биле опфатени сите, од претседател на државата, судиите кои ќе се избираат во сите судови во земјата, па се до носители на функции во меѓународни организации и институции кандидирани од Македонија.

Законот ги задолжува раководните лица во институциите, органите и политичките партии кои предлагаат и вршат избори и именувања или од нив овластени лица, пред да предложат или го спроведат изборот или именувањето на носителот на јавна функција, до Агенцијата да поднесат барање за проверка на сите пријавени кандидати и лица кои треба да бидат избрани, именувани или предложени, а барањето се поднесува за секој кандидат посебно.

За оние кои нема да поднесат барање за ветинг, предвидена е казна во износ од 500 евра, додека пак за институција или на од него овластено лице кое нема да ги преземе сите мерки и активности за доставување на бараните информации од страна на Агенцијата и истите нема да ги достави до Агенцијата во рок од два работни дена од денот на добивањето на барањето, предвидена е казна од 400 евра.

А.Т.

Слични содржини