Одбраната во обид да го блокира судењето за организаторите на 27 април со 1.200 сведоци

од Aleksandar Todeski
418 прегледи

Уште не почнато, судењето за организаторите на крвавиот упад во Собранието на 27 април наиде на блокада. Порнашениот собраниски спикер и пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК, Владимир Атанасовски и двајцата ексминистри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски предложиле по 300 сведоци, што според обвинителката Вилма Русковска, е обид за блокирање на судскиот процес.

Фото: Борче Поповски

Не се знае дали помеѓу сведоците на четворицата обвинети има и повторувања, а Русковска апелираше судијата да размисли да не ги прифати сите предложени, без да им се наруши правото на одбрана на обвинетите.

Одбраната на обвинетите исто така реагираше дека не им биле доставени сите докази. Ги немало оние од случајот кој доби развршница за упадот на 27 април, каде беа осудени напаѓачите кои влегоа во Законодавниот дом, а кои се осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата, дело за кое се судат и осомничените за организација на крвавиот упад.

Обвинетиот Миле Јанакиески пред судот посочи дека иако е свесен дека не е вина на Обвинителството, бидејќи претходниот случај е заглавен во Апелација, сепак треба да ги добијат доказите.

„Извршивме увид во листата на докази. Доказите се на илјадници страни, па затоа би ве замолил да ни дадете копија од доказите. Судиите го задолжија обвинителството за копија, но до денеска не ни доставија. Ова го барам, бидејќи доказите се клучни дали ќе се произнесеме како виновни или не”, рече Јанакиески.

Обвинетиот Трајко Вељаноски пак, испратил допис до Судот дека бара одложување на рочиштето, бидејќи поканата за судење му стигнала пред четири дена, на 17. февруари, со што бил нарушен законскиот рок за известување, односно осум дена пред почетокот на судењето, а со цел обвинетите да си подготват своја одбрана. Помеѓу доказниот материјал доставен од ексминистерот Јанакиески пак, се најде и ЦД со изјава од Собранието на пратеникот Крсто Мукоски.

Обвинителката Вилма Русковска пак, на судењето го посочи фактот дека во обвинението нема оштетени лица и жртви, туку дека се работи за загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.

На барање на одбраната, рочиштето беше одложено, а следното рочиште ќе се одржи на 26 февруари. Поради обемноста на случајот, судијата веќе закажал четири други рочишта за месец март, односно на 9, 17, 23 и 27 март. Поради експресното одложување на првото рочиште, не беа прочитани ниту воведни зборови, ниту пак обвинетите се изјаснија дали се чувствуваат виновни или не.

Инаку, во истрагата за организаторите на 27 април беа опфатени и експремиерот Никола Груевски, како и ексразузнавачот Никола Бошковски. Бидејќи и двајцата се бегалци од правдата, првиот во Унгарија, а вториот во Грција, за нив е запрена постапката.

Александар Тодески

Слични содржини