По регистрираните седум позитивни лица на коронавирусот во државава превентивно од денеска се затворени градинките, училиштата, факултетите, студентските домови, забранети се масовни јавни настани, организирани патувања во високоризичните држави.
Паниката повторно си го направи своето во некои од скопските маркети можеше да се забележи голем број на купувачи кои очигледно се подготвуваат за епидемија.Нема брашно, масло, сапуни, влажни марамици, конзерви, тестенини, тоалетна хартија, зимница, средства за чистење. Дел од рафтовите се речиси празни како што се гледа на фотографијата споделена на социјалните мрежи.
Во текот на вчерашниот дена не беа регистрирани нови случаи. Негативни беа тестовите на 16 годишната пациентка која имала краток преглед кај директорката на Клиниката за кожни болести Нина Цаца Билјановска кај која завчера беше потврдено дека е заразена од коронавирус, како и на уште двајца други пациенти.
Решението за разрешување на Билјановска треба да биде изготвено денеска, а поради нејзиниот неоговорен однос затоа што не се пријавила кај епидемилозите по престојот во Италија, доаѓала на работа и одржала предавање што стави во изолација голем број лица. Ученици од три основни училишта во општина Карпош се во самоизолација бидејќи дел од родителите работат на Клиниката за дерматологија, а дел биле на симпозиумот што се одржал во саботата, а на кое присуствувала заразената директорка од Клиниката. Поради присуство на симпозиумот во изолација се и четворица здравствени работници од Кожното одделение во Клиничката болница во Штип. Прегледите и хоспитализацијата на Кожното одделение во Штип се стопирани, а таква мерка е во сила од вчера и на Клиниката за кожни болести.
Засилените мерки уследија по првиот случај на локална трансмисија откако тројцата луѓе кои биле во контакт со хоспитализираните сопружници со овој вирус од Дебар беа позитивни на тестирањето.
Поради состојбата со коронавирусот в четврток ќе се одржи и лидерска средба со оглед на тоа што на 23 месецов треба да стартува изборната кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 12 следниот месец.
Од Владата вчера порачаа дека неодговорноста е најопасна за ширење на корона вирусот, справувањето со овој проблем не треба да се сведе на хајка против оние кои се заболени или се во изолација, ниту пак некој треба да профитира политички на сметка на здравјето на граѓаните. Ако дојде до зголемување на бројот на случаи ќе се преземат и други дополнителни мерки како што е прогласување кризна состојба, но засега нема потреба од тоа.
Владиниот кабинет тврди дека има доволен број тестови односно од 1.000 што се на располагање, а потрошени се 40, како и дека засега нема да се воведат посебни економски мерки, но владините економски ресори се во постојана комуникација со стопанските комори и до крајот на неделата ќе имаат дополнителни проценки.
Во случај да дојде до продолжување на четиринаесетдневното затворање на воспитно образовните институции, од Владата велат дека школската година може да се организира со скратена наставна програма ако има потреба. Сега не се организира само наставата, а наставниот кадар ќе доаѓа на работа само доколу иманеодложни работи. Со владините мерки се предвидува платено отсуство од работа за родителите со деца до 10 години во тек на прекинот на работата на градинките и училиштата. Тие отсуството ќе го оправдаат со потврда за детето од градинка или училиште, а којшто треба да ја достават пред пресметката на платата.
Забранети се и масовни собири и настани на отворен и затворен простор, како и сите културни настани и манифестации на територијата на државата, со над 1000 учесници, во наредните 14 дена. Владата препорачува неодржување на јавни настани на кои се очекува присуство до 1 000 учесници.
Физичките и правните лица кои нема да ги почитуваат или ќе ги прекршат препораките од Владата ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.