Состојбата на сите пациенти е стабилна и непроменета во однос на вчерашниот ден. Стабилна е и состојбата на пациентката од Дебар која е на респираторна машина. До денеска, во земјава има вкупно 26 заболени пациенти, истакна министерот за здравство, Венко Филипче, на прес конференција.
Во поладневните часови ќе бидат готови тестовите за уште шест лица, за кои министерот кажа дека се проверуваат во моментов, а матаријалите се земени денеска.
„Позитивни се и резултатите на тројцата кои се тестирале во Жан Митрев. Станува збор за пациенти од Скопје, еден кој имал симптоми една недела, неговите контакти се мапирани и се изработуваат тестовите на неговото семејство. Другите двајца се фамилија, сопружници кои престојувале во странство, а кои се уште се на домашно лекување и ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести. Во тек се контактите на сите сопаници кои патувале со пациентката која дошла од Холандија. Бевме контактирани од австриската амбасада, ги дадовме сите потребни информации“, рече Филипче.
Тој посочи дека седумнаесет лица се во Скопје, на Инфективната клиника, а девет лица се во Дебар.
„Капацитетот на Инфективната клиника е целосно спремен. Првиот спрат, кој е четвртина од капациетот не е исполнет, но целосно е подготвен и вториот кат за пациенти“, истакна Филипче.