Абрамович во преговорите меѓу Русија и Украина на страната на Украинците?

од Vladimir Zorba

Роман Абрамович е во Белорусија и помага во мировните преговори на страната на Украина, тврди израелски „Ерусалим пост“.

Човекот кој пред неколку дена всушност се откажа од Челси, отиде во Белорусија на барање на украинските власти во обид да ја запре војната меѓу Русија и Украина. Делегации од двете земји дојдоа во белорускиот пограничен град Гомел, придружувани од рускиот милијардер.

Абрамович е под жестоки критики и санкции од Обединетото Кралство за неговите пријателски врски со Владимир Путин, претседателот на Русија, кој нареди инвазија на Украина, но сега милијардерот, кој одржува силни врски со Евреите од Русија и Украина, ќе биде на другата страна на преговарачката маса.

Таму е поставен од Александар Родњански, продуцент номиниран за Оскар, кој е роден во Киев и кој е близок пријател на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

„Украинците се обидуваа да најдат некој од руската страна кој би можел да помогне да се најде мирно решение. Роман одлучи дека сака да им помогне и да ги мобилизира луѓето кои се борат за мир“, изјави Родњански за „Ерусалим пост“.

И покрај тоа што влијанието на Абрамович е прилично мало, според израелските медиуми тој е единствениот кој понудил каква било помош од руска страна.

Роман Абрамович во минатото често поминуваше време со рускиот претседател Владимир Путин, беше во неговиот потесен круг, а прашање е дали ваквиот развој на настаните ќе го прекине или зацврсти пријателството меѓу милијардерот и рускиот претседател.

Слични содржини