Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во активностите за уредување на просторот во Градски Ѕид, зад објектот „Краш”, на потегот од Зелено пазарче до улицата „Македонија”. ж
Во моментов се изведува битуменска хидроизолација на подземните гаражи на површина од околу 2.600 квадратни метри, со што ќе се надмине долгогодишниот проблем со протекување.
Паралелно се врши и целосно поплочување на просторот со нови елементи, со што се обезбедуваат уредени и безбедни пешачки патеки за граѓаните. Се отстрануваат оштетените плочи, а просторот добива нов урбан лик.
Отстрането е старото и дотраено детско игралиште, а на истата локација се поставува ново и проширено место за детска игра, со современи реквизити и безбедна подлога.
Веднаш до игралиштето ќе биде уредена и современа фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација, наменета за сите категории граѓани.
Проектот опфаќа и хортикултурно уредување, поставување нов систем за полевање и нова урбана опрема, со што просторот ќе добие функција на современ парк во центарот на градот.
„На барање на жителите, го уредуваме овој потег за да биде попријатен, побезбеден и пофункционален за секојдневно користење”, порача градоначалникот Герасимовски.