Александрова: Не сме го снимале Заев, ние не функционираме на таков начин

од Aleksandar Todeski
485 прегледи

Краткиот тонски материјал во кој се извадени неколку реченици од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој како премиер бил снимен во Владата, а го објави пратеникот од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски не бил снимен од Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата. Пратеничката Емилија Александрова во изјава за „Локално“ истакна дека нивната цел никогаш не била да снимаат политичари и дека пратеничката група искрено влегла во сите процеси.

Фото: Борче Поповски

„Независните пратеници остварувале средба со сите и со Зоран Заев и со Христијан Мицкоски, со многу амбасадори, со претставници од меѓународниот фактор, а основна цел била да се донесат закони кои ќе бидат за добробит на државата. Ние бевме и во работна група за ДКСК, како и за законите за одбрана. Сме учествувале во многу работни групи, но ние влеговме искрено во процесите. Ние правевме позитивен притисок да се донесат позитивните закони. Ние не функционираме на таков начин“, рече Александрова.

Иако лидерот на СДСМ, Зоран Заев во интервјуто за „Прес 24“ истакна дека најверојатно бил снимен на еден од состаноците со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, во најголем дел од медиумите прстот беше посочен кон Независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Разговорот некој од присутните неовластено го снимал додека се разговара за причините и потребата зошто треба да се донесе законот за Јавно обвинителство.  Toa се веројатно разговори од состаноците кои се водеа со претставници на партиите од власта и опозицијата од албанскиот блок на партии, кога се убедувавме и објаснувавме со групата од осум пратеници од ВМРО-ДПМНЕ зошто е важно да се донесе Законот за јавно обвинителство. Неовластено снимениот разговор покажува зошто мораше да се донесе Законот за јавно обвинителство – покажува како со него се надминува одлуката на Врховен суд. Со ЗЈО овозможивме сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедените докази. Се зборува дека врховните судии јасно информирале дека ќе ја донесат одлуката што тогаш ја донесоа согласно законот за СЈО каде што е предвидено дека до 30.06.2017 неовластени разговори се докази, а после може да бидат само индиции. Се друго што се слуша во објавеното неовластеното снимање од Милошоски е само аргумент плус преку убедување на соговорниците и потврда, зошто треба да се донесе новиот закон за Јавното обвинителство“, вели Заев.

Александар Тодески

Слични содржини