Алтернатива по пресудата на ЕСЧП: СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ треба да замолчат на оваа тема

од Stefanija Kuzmanovska

Главната порака од Стразбур е дека правдата, пред сè, ја делат домашните правосудни органи и ние не можеме да ја преземеме нивната улога. СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои 32 години се менуваат на власта, заедно со ДУИ кои 22 години се власт, треба да замолчат на оваа тема, бидејќи имаат подеднакво одговорност за катастрофалните состојби со владеењето на правото, еднаквоста пред законите и правната сигурност, се вели во соопштението на Алтернатива по денешното отфрлање на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) на жалбите на Груевски, Мијалков, Јанкуловска, Јанакиевски, Талевски и останатите, оценувајќи ги како недопуштени и преуранети.

„Наместо дневно политички препукувања меѓу двете најголеми македонски партии, кои намерно по свое ја толкуваат пресудата на ЕСЧП, конечно, треба да ѝ погледнеме на вистината во очи. Благодарение токму на овие три партии, Северна Македонија наликува на „Елдорадо” во кое партиите се најголем извор на корупција во државата. Времето за декларативни заложби одамна заврши. Сега е време за акција“, се наведува во реакцијата на Алтернатива.

Партијата притоа нуди, како што вели, конкретен, издржан и правно формулиран предлог за директно соочување со политичката корупција на партиските кадри во власта.

„Најодговорните партии треба да престанат да избегнуваат да се произнесат за нашиот предлог. Со висок степен на консензус, уставниот амандман на Алтернатива за спречување на застарувањето на кривични дела сторени од носители на функции во законодавната, извршната и судската власт, веднаш ќе стане реалност. Да не ја бараме Европската правда во Брисел, Стразбур, Париз, Берлин, итн, да ја донесеме дома. Секогаш има Алтернатива“, порачуваат од партијата која досега беше дел од владеачкото мнозинство, а по договорот меѓу СДСМ и Алијанса за Албанците, излезе од владата.

Слични содржини