Амбасадорот на Србија во Љубљана повикан на разговор поради изјавите на Вучиќ

од Vladimir Zorba

Министерството за надворешни работи на Словенија го покани српскиот амбасадор на разговор поради изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ при неодамнешната посета на словенечкиот претседател Борут Пахор на Белград дека Словенија, како и другите земји кои го признаа Косово, го нарушиле територијалниот интегритет на Србија.

Министерството за надворешни работи на Словенија го покани на разговор амбасадорот на Србија во Љубљана, Зоран Влатковиќ во врска со изјавите на Вучиќ на прес-конференцијата при посетата на Борут Пахор.

На истата тема во Белград разговарал и словенечкиот амбасадор во Србија Дамјан Бергант, беше кажано за словенечки „N1“ од министерството.

Љубљана реагираше на изјавата на Вучиќ по средбата со Пахор во Белград кога на новинарско прашање зошто Србија не воведува санкции кон Русија, тој праша „како да им објасни на граѓаните дека Србија воведува санкции кон Русија, а не кон Словенија“.

„Русија не го наруши територијалниот интегритет на Србија. Словенија го наруши. И гледате дека имаме добри односи со Словенија“, рече Вучиќ и додаде дека Словенија, како на пример Франција, Германија и САД, го признаа Косово, кое, според позицијата на Србија е кршење на меѓународното право, Повелбата на Обединетите нации и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.

Министерството за надворешни работи во Љубљана соопшти дека е многу изненадено од изјавите на Вучиќ.

„Уште еднаш го пренесовме нашиот став во однос на Косово, кое Словенија го призна како независна и суверена држава. Во таа насока изразивме очекување Србија во иднина да не ја проблематизира нашата позиција во однос на Косово, бидејќи поддршката на Словенија за Косово не е насочена против Србија. Ние го изразивме и нашето цврсто противење да се изедначи словенечкото признавање на Косово со руската агресија врз Украина“, беше кажано во Љубљана.

Од МНР наведуваат дека очекуваат продолжување на досегашната динамика на соработка со Србија и дека Словенија ќе продолжи да се залага за комуникација со Србија со почит на сите нивоа.

„Сакаме земјите да продолжат да развиваат пријателски односи и заеднички да бараат можности за решавање на отворените прашања во Западен Балкан, што би ги намалило тензиите во регионот. Ова ќе им овозможи и на Србија и на Косово да постигнат напредок во приближувањето кон ЕУ.“ се додава.

Слични содржини