Американска држава им плаќа државните службеници да се вакцинираат!

од Stefanija Kuzmanovska

Гувернерот на американската држава Мериленд, Лери Хоган, изјави дека секој државен службеник кој ќе се согласи да се вакцинира против коронавирусот може да смета на дополнителни 100 долари плата.

„Со оваа програма за поттикнување, ние дополнително ги охрабруваме државните службеници да се вакцинираат и да се заштитат себеси, своите семејства и да ја одржат заедницата здрава и безбедна“, објави Хоган во понеделникот, пренесува Хил.

Тој додаде дека американската држава ги охрабрува приватните компании низ Мериленд да го сторат истото и да ги стимулираат своите вработени.

– Вакцините се безбедни, ефикасни, бесплатни и може да се вакцинирате со или без закажан термин, истакна Хоган.

Програмата за поттикнување ќе го чини Мериленд околу пет милиони долари, а државата ќе се обиде да ги искористи федералните средства за борба против ковид-19 за да ги покрие трошоците, изјави портпаролот на Хоган, Мајк Ричи, за весникот „Балтимор Сан“.

Мериленд вакцинираше 62 проценти од возрасната популација, односно беа распределени 4,9 милиони дози.

Минатата недела гувернерот на Западна Вирџинија, Џим Џастис рече дека неговата држава ќе плати 100 долари на луѓе на возраст меѓу 16 и 35 години кои сакаат да се вакцинираат.

Слични содржини