Американски адвокати: Асанж го гонат за објавување имиња на извори

од Radmila Tasevska

Основачот на Викиликс, Џулијан Асанж, се гони поради објавување на имиња на извори, а не поради неговите политички ставови, соопштија денеска адвокатите кои ги застапуваат САД на рочиштето на кое се одлучува за неговата екстрадиција во САД.

Американските адвокати додаваат дека обвинението за шпионажа против новинарот е „засновано на владеење на правото и докази“.

„Ова гонење можеби е без преседан, но она што тој го направи беше без преседан“, рече денекска адвокатката Клер Добин, која ги застапува САД, во текот на вториот ден од сослушувањето.

Асанж „неселективно и свесно ги објави имињата на поединци кои служеле како извор на информации за САД“, посочи Добин и додаде дека тоа е она што претставува објективна основа за кривично гонење на Австралиецот.

Асанж денеска, како и вчера не беше присутен во судницата, а сослушувањето го следеше од далечина, бидејќи тврди дека не се чувствува добро.

На првиот ден од сослушувањето, вчера први пред судот се обратија адвокатите на Асанж, кои рекоа дека станува збор за политички мотивиран случај, додавајќи дека се прекршени човековите права на нивниот клиент, јави Би-Би-Си.

Тие истакнаа дека имаат докази за заговор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за убиство на Асанж за време на претседателскиот мандат на Доналд Трамп.

Слични содржини