Арапските земји бараат итен прекин на огнот, САД тврдат дека тоа ќе го остави Хамас на власт

од Stefanija Kuzmanovska

Министрите за надворешни работи на Јордан и Египет, Ајман Сафади и Самех Шукри на денешната средба со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Аман апелираа за моментален прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас без никакво условување.

Но, Блинкен истакна дека САД не ги поддржува нивните барања.

„Примирјето едноставно ќе го остави Хамас на власт, способен да се прегрупира и да го повтори она што го направи на 7 октомври“, наведе Блинкен.

Тој го повтори ставот на САД дека Израел има право на одбрана од Хамас, но дека мора да се преземат сите мерки за да се спречат цивилни жртви.

Блинкен истакна дека Вашингтон верува оти сите напори ќе бидат олеснети ако постојат краткотрајни хуманитарни примирја.

Дипломатски советник на претседателот на Обединетите Арапски Емирати на средбата во Аман изјави дека најновиот конфликт во Појасот Газа покажува дека израелската политика на сузбивање е неуспешна и оти САД треба да инсистираат на брз прекин на конфликтот и на нова стратегија.

Додека шефот на катарската дипломатија шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани на средбата со Блинкен посочи дека постојаното бомбардирање на Појасот Газа ги отежнува напорите за посредување за ослободување на заложниците кои ги држи Хамас.

 

Слични содржини