АРМ упатува тим во Турција за пронаоѓање и спасување

од Nikola Popovski

Армијата на Северна Македонија подготви и веќе упатува обучен тим за пронаоѓање и спасување, составен од припадници на баталјонот за специјални сили и двајца водачи со службени кучиња обучени за трагање од командата за обука и доктрини.

– Ќе го вложат својот максимум и обученост за спасување на човечки животи под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес во нашиот сојузник Туркије, соопштија од АРМ.

Синоќа министерката за одбрана Славјанка Петровска објави дека Министерството за одбрана и Армијата испраќаат итна помош за справување со последиците од катастрофалниот земјотрес.

– На предлог на Министерството за одбрана, Владата на вонредната седница донесе одлука да бидат испратени тим за заштита и спасување од Армијата, кучиња трагачи и хуманитарна помош во пријателска Турција. 22 лица од Баталјонот за специјални сили, две лица водачи и кучиња обучени за трагање наскоро заминуваат во сојузничка Турција, за да помогнат да се спасат човечки животи, под урнатините настанати од катастрофалниот земјотрес, напиша Петровска на Фејсбук-профилот по вонредната владина седница.

Министерството за финансии е задолжено до Владата да достави одлука за одобрување средства од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија за 2023 година, во износ од 6 милиони денари за помош на настраданите.

Задолженија има и до други институции меѓу кои и до Министерството за здравство, во рамките на своите надлежности, итно да подготви и до Владата да достави одлука за обезбедување помош во вид на медицински персонал, медицинска опрема и лекови.

Слични содржини