Асанж помеѓу Лондон и самоволието на САД

од Stefanija Kuzmanovska

Дали Џулијан Асанж, основачот на „Викиликс“, ќе биде екстрадиран во САД? Судот во Лондон од понеделникот расправа за ова. Асанж во САД сигурно нема да добие фер судење, пишува „Дојче Веле“. Еве што да знаете за случајот.

Што направи Асанж за да ги разлути САД?

Во 2010 година, Викиликс објави половина милион класифицирани документи кои, меѓу другото, сведочат и за воените злосторства на американските војници во Ирак и Авганистан. Ова целосно ја смени перцепцијата на јавноста за овие војни. Следниот удар врз кредибилитетот на американската надворешна политика се случи една година подоцна, кога Викиликс објави над 250.000 доверливи дипломатски документи.

Како резултат на тоа, неколку водечки американски политичари го опишаа Асанж (48) како „хај-тек терорист“ кој треба да биде гонет. Актуелниот министер за надворешни работи, Мајк Помпео, во 2017 година, како тогашен шеф на ЦИА, го нарече Викиликс „недржавна непријателска тајна служба“.

Во 2010 година, Асанж беше обвинет од страна на поротнички суд кој заседаваше во тајност. Дури од 2019 година обвинението стана познато за јавноста. Критичарите го сметаат обвинението како тежок напад врз слободата на печатот.

За што конкретно се обвинува?

Во април 2019 година, Министерството за правда на САД го обвини за кривично дело помагање при хакирање на владините компјутерски мрежаи. За тоа дело е предвидена петгодишна казна затвор. Доколку барањето за екстрадиција на Асанж беше поднесено само поради тоа дело – тогаш ќе му се судеше само за тоа.

Но, за Вашингтон петгодишната казна затвор изгледаше премала, па списокот на обвиненија во јуни 2019 година беше проширен на 18 точки од обвинението, вклучително и кршење на законот за шпионажа од 1917 година. Поради тоа, на Асанж во САД му се заканува затворска казна од 175 години.

Каде е Асанж сега?

Од присилното прекинување на азилот во еквадорската амбасада во Лондон, основачот на Викиликс се наоѓа во затворот „Белмарш“. До неодамна Асанж во затворот беше во строга изолација.

Дали има пристап до адвокатите?

Асанж нема пристап до неговите американски адвокати. И неговиот британскa адвокатка се пожали дека не и е дадено доволно време да се подготви за случајот со нејзиниот клиент.

Зошто седум години беше во амбасада?

Главната причина за престој во дипломатското претставништво на Еквадор беше да се избегне екстрадиција во САД. Официјално, Асанж избегнуваше екстрадиција во Шведска, каде требаше да биде сослушан поради обвинение за сексуална принуда.

Што се случи со обвинувањата за силување во Шведска?

Случајот беше целосно сопрен во ноември 2019 година, поради недостаток на докази.

Што го очекува Асанж во случај на екстрадиција во САД?

Случајот е во рацете на судијата Леони Бринкем, која е позната по нејзината строгост. Кој ќе се најде на обвинителната клупа кај неа има мали шанси за ослободителна пресуда. Затоа, повеќето обвинети прибегнуваат кон помалото зло: договор со обвинителството. Во замена за делумно признание – поблага казна. Во секој случај, Џулијан Асанж не може да се надева на фер судење.

Слични содржини