Бафет нема да инвестира во криптовалути: „Да ми го понудат сиот биткоин за 25 долари, не би го купил“

од Stefanija Kuzmanovska

Познато е дека Ворен Бафет не е голем љубител на биткоинот и воопшто на криптовалутите. Досега немал и нема намера да инвестира во криптовалути во иднина и покрај фактот што се повеќе финансиски институции го менуваат својот став кон криптовалутите.

Бафет во неколку наврати го изразуваше своето незадоволство од биткоинот, а кои се конкретните причини за негативниот однос кон оваа дигитална валута, тој објасни за време на состанокот на акционерите на Berkshire Hathaway, пишува Zimo.

Тој кажал дека ако некој му понуди еден процент од земјоделското земјиште во САД, веднаш ќе извади чек од 25 милијарди долари, а истото ќе го направи и ако некој му понуди еден процент од сите станбени згради во САД. На земјоделско земјиште би се произведувала храна од која и понатака би заработувал. Неговиот голем влог ќе му се враќа секој месец.

„Со биткоинот е поинаку: Ако ми кажеш дека го поседуваш целиот биткоин на светот и ми го понудиш за 25 долари, јас не би го земал бидејќи што би можел да направам со тоа? Ќе морам да ти го продадам назад на овој или оној начин. Не можам да направам ништо со тоа“, објасни тој. „Дали ќе расте или ќе падне во текот на следната година, за пет или десет години, не знам. Има одредена магија, а луѓето им припишуваат магија на многу нешта“, рече најпознатиот светски инвеститор, додавајќи дека биткоинот не е продуктивно средство и „не произведува ништо опипливо“.

Неговиот партнер Чарли Менгер размислува слично како Бафет. За време на собирот на акционери, тој навел дека во текот на животот се труди да избегнува работи кои се глупави, зли и поради кои изгледа лошо во споредба со другите луѓе.

Според Менгер, купувањето на биткоин спаѓа во сите три од овие категории. Глупаво е затоа што, како што вели тој, неговата вредност веројатно ќе падне на нула, зло е затоа што го поткопува системот на Федералните резерви, а интересно е што мисли дека тоа би го направило да изгледа глупаво во споредба со кинескиот комунистички лидер кој бил доволно паметен да забрани биткоин во Кина.

Слични содржини