Бандата „Пинк Пантер“ е осудена на вкупно 28 и пол години затвор

од Nikola Popovski

На вкупно 28 и пол години затвор се осудени организаторите на групата „Пинк Пантер“, поради најголемиот грабеж на богати личности во историјата на Велика Британија.

Организаторите на најголемиот грабеж на богати и славни беа фатени благодарение на уличните камери. Мозок на операцијата во која беа украдени пари и движен имот вреден околу дваесет и шест милиони фунти е Југослав Јовановиќ, дваесет и четиригодишен италијански државјанин. Судот во западен Лондон го осуди на единаесет години затвор, пренесува РТС.

Неговите соучесници и специјалисти за кражба на накит, Италијанците Алесандро Малтезе (45) и Алесандро Донати (44), треба да одлежат по осум години и девет месеци зад решетки.

Сите тројца ќе одлежуваат затворски казни во Италија, каде ќе бидат екстрадирани по завршувањето на административниот дел од кривичната постапка.

Четвртиот член на бандата Данијел Вуковиќ е државјанин на Република Србија.

Британската полиција смета дека овој четириесет и четиригодишник побегнал во Белград, каде, според британските медиуми, најверојатно се уште е таму. Британскиот таблоид Сан го споменува и „неуспешниот обид“ за екстрадиција на Вуковиќ во Обединетото Кралство.

Полицијата во Британија се сомнева дека Вуковиќ, а не Јовановиќ е главниот организатор на спектакуларните грабежи во Лондон.

Четворицата беа осудени затоа што во текот на тринаесет дена од 29 ноември до 18 декември 2019 година ги ограбиле вилите на наследничката на богатството на сопственикот на Формула 1 Тамара Еклстон, поранешниот англиски фудбалски репрезентативец Френк Лампард и во меѓувреме починатиот сопственик на ФК Лестер, Вишаја Шриваданапрабе.

Најголемиот плен секако е грабежот на вилата на 37-годишната Тамара Еклстон и нејзиниот сопруг, Џеј Рaтланд. Одземени се неколку стотини парчиња вреден накит и готовина. Вкупната вредност на овој грабеж се проценува на 25 милиони фунти.

Френк Лампард и неговата сопруга ТВ водителката Кристин останаа без часовници, вредни околу шеесет илјади фунти.

Метрополитенската полиција верува дека бандата подготвувала нови грабежи на богатите и славните низ Европа и нови грабежи во самата Британија. Полицијата одби да го открие идентитетот на планираните жртви. Голем дел од пленот не е пронајден.

Се знае само дека бандата украла толку готовина што Јовановиќ само во ексклузивната стоковна куќа „Хародс“ потрошил околу шеесет и шест илјади фунти.

Слични содржини