Бизнис консултант е професија, а не дополнителна работа

од Vladimir Zorba

Што претставува бизнис консултант во Македонија? Професија, дополнителен извор на финансии или хоби?

Бизнис консултант е веројатно најпотценетата и најдеградираната професија во Македонија, бидејќи секој може да се декларира како консултант и да работи како бизнис консултант. Кога се објавува некој повик за изработка на проект, бизнис план или потреба од бизнис консултант, буквално во медиумскиот простор сте бомбардирани од „консултанти„ кои изработуваат таков вид на проекти или планови. Па така можете да видите сметководители кои изработуваат бизнис планови или проекти, можете да видите професори во средно училиште или на факултет, вработени во јавната администрација или државните компании и да не набројувам веќе кој се е стручен за таа проблематика.

Секоја професија си има свои стандарди, па така и консалтинг индустријата, ама за жал тие стандарди не функционираат во Македонија заради целосна поддршка од државните институции. За да работите како адвокат треба да имате лиценца за адвокат, за да работите како нотар треба да имате лиценца за нотар, ако сакате да работите како лекар треба да имате лиценца за работа како лекар, ако сакате да работите како сметководител треба да имате уверение за сметководител, ама ако сакате да работите како бизнис консултант не е потребно да поседувате никакво уверение или лиценца, доволно е само да се наречете бизнис консултант. Со тоа како бизнис консултанти може да работат и лекари, и сметководители, и адвокати, и нотари и можете да давате бизнис услуги надвор од вашата професија, ама затоа бизнис консултантите не можат да работат како лекари, нотари, адвокати, сметководители и сл само заради тоа што немаат лиценца или уверение.

На донаторите, организациите или институциите кои даваат грантови или проекти воопшто не им е важно кој им го изработил проектот или кој работи како бизнис консултант на проектот бидејќи тоа не е дел од референтниот оглас. Па затоа повторно ќе видите како луѓе вработени во државната и јавната администрација кои работат како бизнис консултанти, ќе видите како професори и асистенти вработени во државните универзитети и училишта работат како бизнис консултанти, ќе видите лица вработени во банки, невладини организации работат како бизнис консултанти, за на крај воопшто и да не се изненадите кој се работи како бизнис консултант.

Не треба да се чудиме зошто тогаш се наоѓаме на самото дно на економскиот развој, зошто толку малку квалитетни проекти имаме, зошто толку малку проекти се успешно завршени, зошто работите стојат во место и не функционираат. Немојте да се чудите, бидејќи сметководителите ќе ви зборат за бизнис наместо за бројки, адвокати ќе ви зборат за бизнис наместо за право, професори ќе ви зборат за бизнис наместо за едукација, сите ќе зборат за бизнис освен за она што им е реална професија.

Отворете го регистарот на бизнис консултанти на Агенција за поддршка на претприемништвото во Македонија и ќе видите кој се е бизнис консултант и кој се менторира во бизнис процесите и ќе ви стане јасно зашто сме на самото дно од економскиот развој и претприемништвото. Ќе се изненадите од лицата кои се декларираат како бизнис консултанти а на кои тоа не им е професија.

Голем број на т.н бизнис консултанти се вработени во државната администрација или јавните претпријатија, се вработени како професори или наставници во државните универзитети или училишта и се платени од државни или јавни пари. Па се прашувам кога стигнуваат се да сработат и дали го злоупотребуваат времето кое им е платено од даночните обврзници?

Па да се вратам на прашањето со кое ја започнав колумната. Што претставува бизнис консултант во Македонија? Професија, дополнителен извор на финансии или хоби?

За мене бизнис консултант е професија и занимање која мора да се регулира како и секое друго занимање, а не како до сега да се користи најмногу како извор на дополнителни финансии на лица кои работат во јавни институции, платени од пари на даночните обврзници и кои имаат друга професија!

Синиша Пекевски, Бизнис консултант

Слични содржини