Бочварски и Рустеми на увид на регионалниот Велес – Градско: Се очекува да биде завршен годинава

од Nikola Popovski

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, денеска извршија увид во градежните активности на рехабилитација на регионалниот пат Велес – Градско.

Регионалниот пат Велес – Градско (стариот пат Велес – Градско) комплетно се рехабилитира во должина од 20 километри. Инвестицијата е во висина од 5,6 милиони евра, средства обезбедни преку Јавното претпријатие за државни патишта.

При увидот тие остварија средба и со претставници на изведувачот и надзорот на која беа информирани за динамиката на градежните активности кои се реализираат на терен.

„Овој регионален пат е дел од вкупната инвестициона активност во модернизација на патиштата низ земјава. Денеска со директорот Рустеми на лице место се уверивме во градежните активности. Иако се минусни температури, изведувачот работи со предвидената динамика за овој период од годината, се работи на расчистување на трасата, на тампонирање на одредени делници и на гребење на постоечкиот асфалт. Создадени се сите услови за времен режим на сообраќај со што сите граѓани од околните населени места можат да го користат овој пат согласно поставената сигнализација. Нашите заложби за развој на централниот регион од државата ги потврдуваме и со изградба на експресниот од Градско кон Прилеп, а вложуваме и во реконструкција на локалните улици и патишта, со што даваме значаен придонес за подобрување на условите за граѓаните.“ – изјави министерот Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, истакна дека рехабилитацијата на овој регионален пат е во должина од 20 километри, патот се реконструира со променлива ширина на коловозот од 5,5 метри до 7,1 метар. Динамиката на работа оди според предвиденото темпо и се очекува да биде завршен оваа година.

Денешната посета на општина Градско, министерот Бочварски ја искористи да оствари средба со градоначалникот Киро Нацков, со кој ги потпишаа договорите за реконструкција на две улици во општината во вредност од околу 12 милиони денари, со што продолжува поддршката на Министерството за транспорт и врски кон локалните самоуправи.

Слични содржини