Борел: Западен Балкан останува стратешки регион за ЕУ

од Milan1

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека Западен Балкан останува стратешки регион за Европската унија, а неговата стабилност е прашање од најголема важност.

Во пресрет на седницата за Западен Балкан на министерскиот состанок на НАТО во Рига, Борел повика на реформа на изборниот закон во БиХ и продолжување на дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Борел изрази загриженост за ситуацијата во Босна и Херцеговина, каде што „последниве денови се забележани тензии и обиди да се поништат 26 години мир и стабилност“ и повика на реформи неопходни за зачувување на обединетата држава и реформа на изборниот закон.

Борел изјави дека во последните месеци, во текот на летото, има многу тензии во Косово и Србија и подвлече дека е неопходно да се продолжи дијалогот.

„Ситуацијата е смирена, но се уште треба да се врати дијалогот, да се продолжи дијалогот. Нема друг начин да се стабилизира ситуацијата“, додаде тој.

Тој рече дека Украина, иако не е тема на денешната сесија за Западен Балкан, е прашање од најголема важност и нагласи дека за Европската унија територијалниот интегритет и суверенитет на Украина се најважни.

„И ние ќе застанеме цврсто и одлучно со Украина пред секој обид за поткопување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет“, додаде тој.

Запрашан каков би можел да биде одговорот на ЕУ на акумулацијата на руската армија во близина на границата со Украина, Борел рече дека кризата треба да се спречи, бидејќи ако почне, ќе биде многу потешко да се соочиме со неа.

„Мора да се направи сè за да стане јасно дека секоја агресија против Украина ќе има силен одговор“, рече тој.

Слични содржини