Бројките вртоглаво растат, апели секојдневно се слушаат, а мерки нема?!

И натаму е висок процентот на новозаразени лица од Ковид 19 во едно деноноќие.

Имено, секојдневно имаме над 30% од тестираните, кои имаат позитивен резултат. Само вчера од направени 3109 тестирања, позитивни беа 1182, а починаа 25 лица.

За подобро справување со ситуацијата и користење на сите ресурси на државата, па и приватните здравствени установи, Владата прогласи кризна состојба, а ЦУК веќе усвои Акциски план со 17 точки. И натаму остануваат апелите на надлежните, но и на здравствените работници кои се на првата линија во борба против пандемијата за почитување на сите мерки.

„Ние ќе работиме можеби споредна улога во ситуацијава, која ќе биде многу значајна за јавноста и на јакнење на јавната свест за граѓаните да сфатат дека се работи за една опасна болест со тоа што ќе бидат вклучени и претставници од невладиниот сектор, кои ќе бидат определени од Советот на Владата за соработка со невладини организации“, вели Стојанче Ангелов.

Од Министерството за здравство пак, идентично апелираат за почитување на мерките – носењето на заштитна маска, одржувањето на физичка дистанца, негрупирањето, како и честото миење на рацете, кои, како што велат, се клучните мерки во справувањето со Ковид-19 кризата.

„Капацитетите на болниците се веќе преполнети, а динамиката на излекување и прием на нови пациенти е се потешко одржлива. Целиот медицински персонал е преморен, но тие не се откажуваат во грижата за нашите пациенти. Да бидеме одговорни и да се грижиме за сопственото здравје и здравјето за нашите најблискиќ“, велат од Министерството за здравство.

Но, прашањето е дали е ова доволно?
Имено, целиот регион и светот стравува, па секојдневно се менува се, конкретно нови мерки, целосни карантини, полициски час. Дел од мерките во регионот се исти, па и поригорозни во однос на мерките од првиот бран. Па оттаму, на секојдневните мртви и голем број на дијагностицирани, на сликата во која снемува болнички кревет, граѓаните се прашуваат што се чека?

Дојде ли време за построги мерки, дојде ли време, Владата и надлежните со сила да ни ја наметнат совесноста, пред да не снајде „италијанското сценарио“?

Слични содржини