Брус Спрингстин за настаните во САД: Америка е проколната заради гревот – ропството

од Stefanija Kuzmanovska

Бруталното убиство на Афроамериканецот Џорџ Флојд во Минеаполис, кое по којзнае кој пат го покрена прашањето за расна и социјална неправда во САД, и масовните протести низ Америка и светот што следеа, го натера познатиот рок музичар Брус Спрингстин да се осврне на еден од најтешките периоди низ минува неговата земја. Спрингстин минатата недела го посвети целото радио шоу на мрачниот момент во САД, пренесе „Блиц“.

„ Осум минути умираше Џорџ Флојд додека еден полицаец од Минеаполис го стискаше по вратот со коленото. Тоа е многу време. Толку долго молеше за помош и плачеше бидејќи не може да дише. Реакцијата на полицаецот на тоа беше тишината и уште поцврсто стегање на вратот. И тогаш тој остана без пулс. И тортурата продолжи … Нека почива во мир“, рече Спрингстин, потсетувајќи дека во ова време 40 милиони Американци се невработени и дека повеќе од сто илјади американски граѓани починале од коронавирус.

„Белата куќа реагираше на сето тоа млако и скоро бесчувствително. И покрај сè, полицијата продолжува да ги убива нашите црни граѓани на улиците на Америка сосема непотребно. Оваа земја е во оган и хаос“, рече 70-годишниот музичар.

„Остануваме проколнати, генерација по генерација, поради нашиот првичен грев – ропството. Ова останува големо нерешено прашање за американското општество. Тежината на товарот се зголемува, со секоја нова генерација. И среде оваа насилна, хаотична недела на улиците на Америка, нема крај на повидок“, додаде тој.

„Имаме избор помеѓу хаосот и заедништвото, односно духовно, морално и демократско будење или сопнување на нацијата затоа што клучните работи се запоставени и заобиколени“, нагласи музичарот.

Тој се запраша дали американскиот систем е доволно флексибилен за да направи хумани и фундаментални промени без насилство.

„Американската приказна, нашата приказна е во наши раце. Бог да не благослови“, заклучи Брус Спрингстин.

Слични содржини