ЦЕА: Иницијативата Отворен Балкан може да го искористи целиот потенцијал само доколку ги вклучи сите шест држави од Западен Балкан

од Radmila Tasevska

Иницијативата Отворен Балкан може да го искористи целиот потенцијал само доколку ги вклучи сите шест држави од Западен Балкан. Ова е еден од заклучоците на анализата на Центарот за економски анализи за оценката и насочувањето на потенцијалите на оваа Иницијатива. Анализата покажува дека моменталната состојба во која покрај Македонија, во Отворен Балкан членуваат само уште Србија и Албанија го намалува веќе ограниченио потенцијал на проектот за регионална економска интеграција. Ваквата теза сепак, не треба да се сфати дека иницијативата нема иднина. “Таа ужива силна поддршка во државите учеснички. Со поддршката на САД и внимателната поддршка на ЕУ, се чини дека иницијативата ќе опстане.Но, не треба да се поткопува стабилноста на Партнерството на тројцата претседатели. Тешко може да се процени дали Иницијативата може да се насочува одржливо одвнатре (смени на лидерските позиции и „проширувањето на ИОБ ) и однадвор (смена на позициите на меѓународните партнери за иницијативата поради влошеното гео-политичко опкружување). Агендата која постојано се менува и слабата транспарентност не нудат стабилност на иницијативата.’’ стои во заклучокот на анализата.Оттаму нејзините автори сметаат дека избегнувањето на нереални ветувања ќе го намали товарот од намалување на очекувањата на вклучените страни и можното разочарување поради отсуството на општ напредок.

Анализирајќи ги економските ефекти од иницијативата, професорот Ванчо Узунов посочува дека трите земји членки имаат во голема мерка слични општи структури на економиите. Компаративните економски параметри покажуваат дека Македонија е во средина, меѓу Србија и Албанија. Во насока на оваа теза, Узунов ги наведува следните аргументи: “Конкурентноста на албанскиот извоз главно се потпира на ниско-технолошки индустрии и производи од ресурси, со релативно ниска додадена вредност и релативно ниски цени по единица производ. Северна Македонија има слични специјалности и конкурентност со Албанија, но е малку понапредна и поконкурентна од Албанија. И за крај, во врска со останатите две држави кои се дел од ИОБ, економијата на Србија е понапредна и поконкурентна“, пишува Узунов. Нашиот северен сосед се разликува од останатите држави во
“Отворен Балкан”, пред се поради тоа што има најголема економија, односно БДП-то на Србија е двојно поголемо од БДП-то на двете останати држави заедно, но има и значително поразвиена економија .Оттука, земајќи ја предвид трговската либерализација и теоријата за економска интеграција,според анализата се наметнува претпоставката дека економијата на Србија би имала најголеми придобивки од олеснување на трговијата и либерализацијата во рамките на Отворен Балкан . Меѓутоа, тоа , според авторот, не значи дека другите две држави нема да имаат придобивки – напротив – тоа само нагласува дека треба да се трудат повеќе околу структурните и останатите реформи за да создадат мал специјализиран пазар за посебни производи и зголемен извоз за тие производи.

Како силни страни на Србија посочени се неколку: обемот на економијата, приливот и уделот на странските директни инвестиции, конкурентноста на извозот, фактот дека таа е вториот најважен трговски партнер и за Албанија и за Северна Македонија, подготвеноста на ИКТ, повисоките просечни плати, итн. Предностите на Албанија се земјоделското производство и земјоделскиот извоз, како и брзорастечкиот туристички сектор, а на Македонија отвореноста на економијата и нејзината конкурентност во однос на Албанија.

Не спорејќи ги придобивките од Иницијативата Отворен Блакан, особено од покажаната солидарност за време на епидемијата, кризата со храна и енергија и војната во Украина, авторите сепак забележуваат дека таа не понуди идеи за проекти за регионална економска интеграција. “Се заснова на активности кои се договорени во рамките на Заедничкиот регионален пазар (CRM) и резултатите, барем на техничко ниво, кои произлегуваат од ЦЕФТА. Со оглед на тоа, се чини сосема оправдано прашањето за потребата од нова платформа насочена кон исти активности’’, пишува во публикацијата на Ристовски и Кацарска. Во оваа насока авторите се задржуваат и на политичките опструкции со кои во поширока смисла се соочува проектот за регионална економска соработка. Оттука, според нив, политичката вклученост на трети страни може да биде поттик, но основна сугестија е дека сепак шесте држави од западен Балкан треба да се тие кои успешно ќе ја предводат имплементацијата на проектот за регионална интеграција.

Слични содржини