Целта на Макрон е разговор меѓу Украина и Русија веќе на лето, доколку „сè биде како што треба“

од Stefanija Kuzmanovska

Францускиот претседател Емануел Макрон му наложи на својот советник за надворешна политика Емануел Бон да соработува со главниот кинески дипломат Ванг Ји за да се воспостави рамка која би можела да се користи како основа за идните преговори меѓу Украина и Русија.

Повикувајќи се на неименувани извори запознаени со плановите на Макрон, „Блумберг“ денеска објави дека целта на француската стратегија е да се одржат разговори меѓу Русија и Украина веќе ова лето „ако сè биде како што треба“.

За време на неговото неодамнешно патување во Кина, францускиот претседател не ја исполни својата цел да го убеди Си да разговара со украинскиот претседател Владимир Зеленски, а исто така, наводно, ги налути сојузниците минатата година откако рече дека не треба да ја „понижуваат“ Русија.

Официјален претставник од кабинетот на Макрон го потврди планот Бон да разговара со Ванг, но одби да ги коментира деталите, додавајќи дека сојузниците на Франција се информирани за секоја француска иницијатива, наведува агенцијата.

Некои европски претставници се загрижени дека се поставени „опасно високи“ очекувања од украинската контраофанзива, што можеби нема да биде одлучувачко за Киев да ја ослободи целата територија окупирана од Русија и дека пореална цел е напредување од 30 километри кон југ кое ќе ѝ овозможи на украинската артилерија домет на руските линии за снабдување и ќе создаде услови за подлабоко навлегување во 2024 година, објави „Блумберг“.

Неколку услови за преговори

Се наведува дека сите идни преговори ќе зависат од неколку услови, вклучувајќи го и успехот на најавената пролетна контраофанзива на Украина, која, доколку биде успешна, би го ставила Киев во силна позиција за време на какви било преговори.

Макрон претходно изјави дека благодарение на односите со Русија, Кина може да ја „вразуми Москва“, но Пекинг досега не покажа знаци дека е подготвен да изврши притисок врз Москва да ги повлече своите војници.

Повеќето дипломати на земјите-членки на Г7, вклучително и Франција, оваа недела ја поддржаа „мировната формула“ на Зеленски, која вклучува целосно повлекување на сите руски трупи од украинска територија.

Според соопштението, планот на Макрон ќе се потпира на долгорочни безбедносни гаранции за Украина со цел да се одврати Русија од „идни акти на агресија“.

Киев постојано повторува дека територијалните отстапки не треба да бидат на преговарачка маса, а неколку сојузници на Украина ја поддржуваат таа позиција, предупредувајќи дека секое решение што суштински ќе ја замрзне војната веројатно ќе доведе до повторно вооружување на Русија пред да започне нова офанзива.

Слични содржини