Честитка од претседателот Пендаровски по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука

од Ивана Рамаданова

Претседателот Стево Пендаровски упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Северна Македонија по повод одбележувањето на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.

„Создавањето на азбуката и кодифицирањето на еден јазик е еден од најзначајните чекори на самоидентификација на еден народ. 22 Ноември е значаен ден за албанскиот народ, но и за цела Република Северна Македонија, бидејќи на овој датум во 1908 година, албанските интелектуалци на конгресот во Битола донесоа одлука за унифицирање на албанската азбука. Со ова практично се поттикна политичкото, културното и образовното издигнување на Албанците“, се вели во честитката на Пендаровски.

Шефот на државата натаму наведува дека прославувајќи го овој празник, ние како современо, мултиетничко и мултикултурно општество, ги потврдуваме нашите заложби за градење на едно општество за сите и подобра и посветла иднина за секој наш граѓанин.

„Почитувањето и вреднувањето на меѓусебните разлики е она што нè зближува, обединува и нè прави единствени во справувањето со предизвиците. Затоа, во оваа прилика, сакам на албанската етничка заедница да ѝ го честитам Денот на азбуката, а на сите граѓани на Република Северна Македонија да им порачам дека вистинскиот пат на градење на европска држава се почитта, соработката и заедништвото. Нека ни е честит 22 Ноември – Денот на албанската азбука“, се истакнува во честитката на претседателот Пендаровски.

Слични содржини