Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека Србија постапила глупаво, со тоа што ја признала Македонија под уставното име.
Дачиќ ова го изјави во интервју за агенцијата Бета, јави Б92.
– Србија си дозволи голема грешка. Цела Европа и светот го користат името „Поранешна југословенска Република Македонија“, рече Дачиќ, додавајќи дека одлуката на неговата земја да ја признае Македонија под уставно име ја засегнала Грција, од која сега очекува да не го признае Косово.
– Ние ја признавме Македонија, навредувајќи ги Грците, а тие (Македонците) сепак гласаа за поддршка на Косово. Треба да кажам дека бевме глупаци. Во овој случај ќе употребам недипломатски израз, рече Дачиќ.
Тој изјави дека Белград ќе продолжи да го употребува името Република Македонија во билатералните односи, но на меѓународен план ќе ја нарекува онака, како што се нарекува во ЕУ и ОН, ПЈРМ.
Во интервјуто Дачиќ изјави дека Србија би можела да гласа против интересите на своите соседи, кои во минатото не го поддржале Белград за важни прашања, како на пример признавањето на Косово и обидот на Приштина да стане членка на УНЕСКО.
Според него тоа е еднакво на „одмазда, а не на политика на реципроцитет“.
Дачиќ нагласи дека во регионот има „многу проблеми кои се ставени под тепих и кои само се чека да експлодираат, а тоа не е добро“.
– Поради тоа Србија ќе игра конструктивна улога. Нашата политика е насочена кон мирот, стабилноста, помирувањето и зајакнувањето на довербата во регионот, а тоа е основа за стабилноста и на цела Европа, додаде Дачиќ.