Давитковски: Зголемувањето на минималната плата ја отвори „Пандорината кутија’’

од Vladimir Zorba

За професорот Борче Давитковски се очекувани и пред се разбирливи се погласните барања на синдикатите за скалесто покачување на сите останати плати, откако Владата одлучи да ја зголеми минималната плата.

„Се решава проблемот на 90.000 вработени, но што е со останатите 80-85% вработени  како во јавниот, така и  во приватниот сектор?“прашува Давитковски.

Според него, сега се отвора една „Пандорина кутија“ бидејќи како што вели во ситуација кога има доволно пари, единствениот  проблем  е како да се потрошат, но кога ги нема, а сите бараат, тогаш проблемот  е двојно поголем.

Категоричен е дека  дека Владата требала да направи сериозни финансиски анализи во однос на кондицијата на буџетот, па во ситуација кога одлучува да ја отвори државната каса, дел од парите да ги предвиди и за скалесто зголемување на платите на останатите вработени.

„Вака како што сега  стојат работите  реално може да се случи некој техничар или инженер да има  плата која ќе се приближи на  платата на некој општ работник“, вели Давитковски.

По барањата на синдикатите, според него повеќе пари можат да побараат и невработените кои се на список на Агенцијата ,примателите на социјална помош, пензионерите…..

 Зголемувањето на минималната плата  како ретко која претходна одлука ги обедини синдикатите  да побараат покачување и на останатите плати. Какви според Вас треба да  бидат следните чекори ако се има предвид актуелната наелектризирана ситуација во однос на ова прашање и секако се потешката економска состојба обременета со  секојдневни ценовни шокови?

-Одлуката на Владата е добра и треба да се поздрави,но секогаш има едно “но”. Не треба да заборавиме дека согласно колективните договори и  важечките закони кои ја  регулираат платата за јавниот сектор и за администрациј,а конверирањето  се врши согласно минималната плата. Владата со овој потег го реши проблемот на 90.000 вработени бидејќи тие сега ќе имаат плата во износ од 18.000 денари. Тоа е за поздравување, но  се поставува прашање што со останатите вработени. Согласно нивните колективни договори, сега автоматски треба и нивните плати да се зголемат во однос на минималната плата.

Владата порача дека за неа, на овој начин е решено прашањето  во реалниот сектор и дека ќе  издвои 16 милиони евра  од буџетот  за да им надомести на сопствениците на фабриките, бидејќи тие наводно не можат да обезбедат 300 евра за плата. Значи 16 милиони евра ќе одат само за 90.000 вработени кои сега имаат минимална плата. Се поставува прашањето што со другите вработени, како на пример оние во јавниот сектор кои примаат плата согласно коифициенти кои се мерат во однос на  минималната плата. Така на пример, ако некој до сега добивал плата од  22 .000 или 25.000 денари  како износ што  го имал во однос на  сумата од 15.000  денари,  сега во новонастанатата состојба кога минималната плата се покачи на 18.000 денари,  сигурно треба да има 27.000 – 28.000 денари.

Дали ова според Вас значи сега Владата треба да обезбеди скалесто зголемување на сите останати плати што е впрочем и барање кое синдикатот на УПОЗ веќе го постави? 

-Сега скалилото  е качено за 50 евра и   сите плати во државата ,како во јавниот така и во приватниот сектор согласно колективните договори и согласно законите кои ја регулираат платата, ќе мора да бидат зголемени. Затоа мислам дека требаше да се направи една голема сериозна финансиска анализа, да се види каков е капацитетот на буџетот, односно дали тој може да издржи еден ваков сегмент бидејќи ова во моментов е едно палиативно решение. Се решава проблем на 12-13% вработени, но што е со останатите 80-85% вработени  како во јавниот, така и  во приватниот сектор.Ако се има средства од буџетот треба да се зголемат скалесто платите во јавниот сектор и евентуално да се партиципира, да се помогне на сопствениците на фирмите и во реалниот сектор. Вака како што стојат работите  реално може да се случи некој техничар или инженер да има  плата која  ќе се приближи на  платата на некој општ работник.  Да не заборавиме и дека помошно техничкиот персонал во јавниот сектор немаат ни минимална плата бидејќи  работат за износ кој е под 15.000 денари.

Тогаш зошто и тие да не добијат покачена плата? Се отвора една пандорина кутија. Знаете, кога има пари единствениот  проблем  е како да се потрошат, но кога нема пари, а сите бараат, тогаш проблемот е двојно поголем.Требаше малку посериозна анализа. Решението за минималната плата веројатно се донесе под притисок на синдикатите, но јас очекувам во наредните месеци да има сериозни барања од сите институции, како  во реалниот  така и во јавниот сектор бидејќи скалилото е веќе подигнато и согласно тоа мора да се се зголемат платите на сите вработени.

Што доколку сепак не дојде до покачување на останатите плати? Какви би биле последиците?

-Доколку перпективно претпоставиме дека  минималната плата ќе дојде до износ од   25.000 – 30.000 денари, може да се соочиме со апсурдна ситуација во која   минималната  и максималната плата би се споиле што воопшто нема развојна тенденција. Како ќе се охрабрат работниците со повисоки звања ,инженерите… да учествуваат во создавањето на вишокот на производство  доколку нивната плата стои во место, а на некои други им се зголемува.Затоа реков дека Владата требаше претходно на направи сериозни анализи, па во ситуација кога одлучува да го отвори буџетот, дел од парите да ги предвиди и за скалесто зголемување на платите на останатите вработени.  Ме плаши дека ќе се појави големо незадоволство во многу сегменти. Еве гледате сега почнаа да  се споредуваат платите на учителките, наставниците, професорите, реагира администрацијата , реалниот сектор… сите…

Стануваат се погласни и барањата на пензионерите за зголемување на пензијата. Уште кои категории би се приклучиле?

Се отвори Пандорината кутија и тука нема да има крај, бидејќи станува збор за врзано коло, спирала.Со слични барања можат да настапат и примателите на социјална помош ,невработени кои се на список на Агенцијата за вработување. Пензионерите се уште една категорија, бидејќи не треба да заборавиме дека има вкупно 100.000  корисници на минимални пензии така што спирално сите сегменти ќе бидат опфатени. Затоа требаше  да се направи многу посериозна анализа  и тоа преку треба  социјален дијалог помеѓу работодавачите и  синдикатите. Во ситуација кога имаме економска криза, пандемија  и енергетска криза проблемите треба да се решаваат на сеопфатен начин .

К.В.С.

Слични содржини