Дебата на потпретседателските кандидати: „Коронавирусот е најголемиот неуспех на Трамп, што го потврдуваат 210.000 мртви Американци“

од Nikola Popovski

Пандемијата со корона вирусот беше една од најжешките теми во синоќешната дебата меѓу кандидатите за потпретседател во САД, републиканецот Мајк Пенс и демократката Камила Хeрис.

Претседателската телевизиска дебата беше ианку одбележана со постојани упаѓања во репликите на соговорникот, а личните напади спречија да се добие увид во тоа како кандидатите мислат да се соочат со главните проблеми на Американците. Според оцените на медиумите, синоќешната дебата ја одбележаа помал број упаѓања, но Пенс и Хeрис всушност ја преземале улогата на портпароли на претседателските кандидати Трамп и Бајден.

Дебатата се одржа во Солт Лејк Сити, во сојузната држава Јута, а Пенс и Харис беа меѓусебно оддалечени на повеќе од три метра и одвоени со плексиглас. Соочувањето започна со пандемијата на коронавирусот, од која во светски рамки најпогодени се САД.

Пенс го бранеше одговорот на Трамп на оваа здравствена криза, и рече дека „Трамп веднаш на првото место го ставил здравјето на Американците“ со тоа што ги забранил патувањата во Кина. Хeрис, пак, смета дека одлуките на Трамп се „најголемиот неуспех на некоја претседателска администрација во историјата на земјата што го потврдуваат 210.000 мртви Американци“. „Ја минимизираа сериозноста од коронавирусот“, рече Хeрис и додаде дека „и натаму немаат план“. Притоа, таа ја критикуваше администрацијата на Трамп за настојувањата да го укине здраственото осигурување кое го донесе претходниот демократски претседател Барак Обама и да го замени со нов систем, што според неа ќе погоди милиони Американци.

„Знаеле и криеле“ – рече Хeрис, која беше потоа прашана дали би ја примила одобрената вакцина против Ковид 19, која би се дистрибуирала пред изборите. Но, 55-годишната сенаторка од Калифорнија рече дека нема да прими нешто што не е одобрено од сериозни медицински професионалци.

Трамп, кој по дебатата објави на Твитер „Мајк Пенс победи“, сè уште се опоравува од инфекцијата со коронавирус, која се прошири и на многу од неговите вработени, неговата сопруга и други владини претставници.

Слични содржини