Британскиот крал Чарлс го одликува поранешниот фудбалер Дејвид Бекам за витез на церемонијата по повод неговиот роденден, според традиционалниот список на почести објавен во петок.
„Никогаш не можев да замислам дека ќе ја добијам оваа чест“, порача Бекам пред новинарите, потсетувајќи се на своето детство во Источен Лондон, во скромно семејство на „патриотски и горди британски родители, баби и дедовци“.
50-годишниот Бекам, кој се пензионираше од професионалниот фудбал во 2013 година, сега ја носи титулата Сер Дејвид, додека неговата сопруга Викторија, моден дизајнер и поранешна членка на Спајс Грлс, станува Лејди Викторија.
Бекам, кој стана икона и во светот на спортот и во светот на модата, со години е кандидат за оваа награда. Сега конечно е официјално награден за неговиот придонес во спортот и хуманитарната работа.
Како поранешен капитен на репрезентацијата на Англија, Бекам одигра 115 натпревари за националниот тим и освои бројни трофеи со Манчестер Јунајтед. Паралелно со својата спортска кариера, тој беше исклучително вклучен во хуманитарната област, соработувајќи со УНИЦЕФ и водејќи кампањи против маларија преку организацијата „Malaria No More“.
Во јуни 2024 година, кралот Чарлс го назначи Бекам за официјален амбасадор на неговата хуманитарна организација – Кралската фондација.
Бекам и неговата сопруга со години негуваат блиски односи со британското кралско семејство. Тие присуствуваа на кралските свадби на принцот Вилијам и Кејт Мидлтон во 2011 година и на принцот Хари и Меган Маркл во 2018 година.
Во 2003 година, Дејвид Бекам беше награден со Орден на Британската империја за заслуги во спортот, кој му го врачи покојната кралица Елизабета II.