Денеска ќе се решава дали ќе останат мерките на сила или ќе има олабавување

од Берта Китинска
185 прегледи

Трендот на нови случаи со Ковид-19, чиј број вчера изнесуваше 20, а завчера 36, ќе биде разгледуван денеска на состанок на Комисијата за заразни болести, по што ќе бидат дадени нови препораки до Владата за натамошно постапување во однос на воведените мерки за заштита од ширење на коронавирусот и според тоа, ќе се знае дали ќе има нивно олеснување.

Вкупната бројка на дијагностицирани со Ковид-19 во државава од почетокот на епидемијата, досега, изнесува 1.642, бројката на оздравени пациенти е 1.136, на починати е 91, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 415.

Од Министерството за здравство апелираат граѓаните доследно да се придржуваат до мерките, да ја почитуваат забраната за групи поголеми од две лица, да се држи дистанца од најмалку два метра и задолжително да се носи заштитна опрема за лице во случај кога просторот меѓу граѓаните е помал од пропишаното.

Ресорниот министер Венко Филипче на последната прес-конференција рече дека резултатите од тестирањата за Ковид-19 ќе ги анализираат на состаноците и на Комисијата за заразни болести и на централниот штаб на Владата, по што ќе се знае како точно ќе се димензионираат натамошните мерки и кои дејности прво ќе почнат да функционираат со цел постепено отворање на економијата.

-Тие што организираат едукации, курсеви, автошколите би биле тие кои ќе бидат први, кои ќе почнат да функционираат согласно предлозите. Сите кои лесно можат да воспостават ред, дистанца, дезинфекција, носење маски, и тие кои можа да воспостават шалтерски систем ќе имаат приоритет, рече Филипче.

Во врска со олабавување на мерките за спортистите, истакна дека се размислува да се дозволат индивидуалните спортови, но како сето тоа понатаму ќе се одвива ќе се знае по состаноците.

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како главен координатор на кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од Ковид-19, истакна дека државата се обидува да изнајде начин да се врати состојбата во општеството во некаква нова нормалност, а истовремено да им се овозможи и на верниците да ги практикуват своите потреби, притоа почитувајќи ги мерките за заштита.

Според него, мора да се изнајде начин како да се овозможи практикување на верските обреди, но и да се внимава на здравјето, водејќи се по препораките на институциите.

– Државата е должна да изготви сет мерки, а верските заедници да ги почитуваат. Можеби требало подобра координација на верските заедници со државата во време кога беа носени одредени одлуки, но реалноста сега е таква, одлуката е донесена како да се адаптираме на оваа ситуација. Моја должност е да бидам во блиска соработка со сите верски заедници, за да може да го штитиме здравјето на луѓето во текот на верските обреди, рече Османи, нагласувајќи ја потребата од почитување на мерките, координираност на сите чинители во општеството со што би се елиминирале какви било перцепции за постоење некакво верско ривалство во мерките.

Што се однесува на очекувањата за намалување на рестриктивните мерки, тој појасни дека одлуката ќе се носи согласно прецизно утврдени параметри, а не според некакви политички калкулации.

Слични содржини