Денеска треба да биде изгласана техничката влада

од Aleksandar Todeski

До пратениците денеска треба да стигне оставката на премиерот Зоран Заев, со што и официјално мандатот за формирање на техничката влада ќе го добие министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Оставката на Заев доаѓа откако во договор со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во Изборниот законик се вметна т.н. Пржинска влада, односно влада во која освен партиите кои формирале влада ќе учествува и опозициската партија со најмногу гласови на изборите, во случајов ВМРО-ДПМНЕ, а се формира сто дена пред парламентарните избори.

Пратениците треба да го изгласаат предлогот за влада чиј мандатар ќе биде Спасовски, а освен најголеммиот дел од актуелниот владин состав, ќе бидат избрани и Наќе Чулев како технички министер за внатрешни работи, Рашела Мизрахи, техничка министерка за труд и социјална политика, Невенка Стаменковска, која ќе биде дополнителен заменик министер за информатичко општество, Гордана Димитровска, дополнителен заменик министер за финансии и Цветан Трипуновски, дополнителен заменик министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Актуелната министерка за труд и социјална политика, Мила Царовска ќе биде вицепремиерка за економски прашања, а како дополнителни заменички министерки за внатрешни работи и труд и социјална политика ќе бидат избрани шефиците на кабинетите на Спасовски и Царовска, Славјанка Петровска и Санела Шкријељ.

Ова е втора техничка влада од ваков тип. Во првата техничка влада, премиер беше Емил Димитриев, актуелен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ. Оливер Спасовски беше министер за внатрешни работи, Фросина Ременски министерка за труд и социјална политика, Кире Наумов беше дополнителен заменик министер за финансии, Александар Кирацовски дополнителен заменик министер за информатичко општество и администрација и Љупчо Николовски, кој беше дополнителен заменик министер за земјоделство, водостопанство и шумарство.

Тоа беше и првата влада која доби министер за еден ден, односно Оливер Андонов, кој беше избран неполни 24 часа пред Оливер Спасовски да биде министер за внатрешни работи, за потоа да биде дополнителен заменик министер во МВР.

А.Т.

Слични содржини