Премиерот Зоран Заев во придружба на шефот на Делегација на ЕУ во нашата земја Дејвид Гир, министерката за култура Ирена Стефоска и градоначалничката Наташа Петровска денеска во Битола го промовираа реконструраниот Римски пат кој од градот води кон античкиот локалитет Хераклеја Линкестис.

Шефот на Делегацијата на Европската Унија во Македонија Дејвид Гир нагласи дека овој проект се смета како дел од европското културно наследство.

-Нашата поддршка е знак дека овој локалитет освен што го сметаме за културно наследство на земјата, туку и како дел од европското културно наследство, односно општото човечко културно наследство. Благодарение на нашата поддршка веруваме дека повеќе луѓе ќе уживаат во локалитетот и дека лекциите што ни ги покажува во однос на нашата поврзаност, културата и идентитетот и понатаму ќе ни помагаат да ја обликуваме заедничката иднина, посочи амбасадорот Гир.

Во проектот SmartCulture вложени се над 704.000 евра, информира градоначалничката на Општина Битола Наташа Петровска, додавајќи дека е дел од мозаикот проекти кои локалната самоуправа ги реализира во тој град.

-Општина Битола прв пат во прекугранична соработка е лидер на проект SmartCulture кој е во висина од над 704.000 евра со кои направивме големи инфраструктурни зафати во делот на пристапот до Хераклеја реконструкција на Римскиот пат, архаично адаптиран, а променето и осветлувањето и други интевенции во локалитетот Хераклеја. Со овој проект отвораме перспективи за развој на регионот со посебен акцент на туризмот како привлечна атракција за туристите, истакна Петровска и потсети на други проекти од сферата на културата кои општината ги завршила како што се Офицерскиот дом, киното Манаки, Старата чаршија во Битола и друга поддршка на Музејот во овој град.