Еден 70-годишен Италијанец пред неколку дена доживеал срцев удар откако го обзеле емоции додека му се воодушевувал на ремек-делото на Ботичели, “Раѓањето на Венера”.

Порталот “Firenza Republica” пишува дека мажот имал среќа бидејќи во галеријата во тој момент имало четири доктори, а во просторијата се наоѓал и дефибрилатор, па веднаш му била пружена помош.
Љубителот на уметност успешно закрепнува во една фиорентинска болница, а директорот на галеријата “Уфици”, Ајке Шмит вели дека овој случај не е прв од ваков карактер. Тој раскажал дека во 2016 година, еден посетител доживеал епилептичен напад гледајќи ја “Примавера” на Ботичели, а друг посетител кон почетокот на оваа година се онесвестил пред делото “Медуза” на Караваџо.
https://www.instagram.com/p/Brk8E_YBc5Z/?utm_source=ig_embed
Иако многумина сметаат дека станува збор најчесто за исцрпени туристи кои кога доаѓаат во некој град преполн со уметност, настојуваат за што пократко време да видат што повеќе, медицината ваквата реакција ја нарекува Стендалов или Фиорентински синдром.
Станува збор за синдром кој се јавува кај некои луѓе во моментот кога ќе видат некое уметничко дело кое особено им се допаѓа, а притоа можат да доживеат невообичаени психички и физички симптоми како несвестица, забрзано чукање на срцето, вртоглавица па дури и халуцинации.

Во периодот помеѓу 1977 и 1986 година, италијанската психијатарка Грациела Магерини од фиорентинската болница “Санта Марија Нуова” изјавила дека имало 106 слични случаи. Таа објаснила дека синдромот ги погодува лицата кои имаат силни емоции, а покрај стресот од патувањето и посетата на еден град како Фиренца “тоа е добитна комбинација”.