Доцни мартовската плата за културните работници, од утре излегуваат на протести

од Nikola Popovski

Вработените во културните институции од утре почнуваат со протести кои нема да запрат се до исплаќањето на платата за месец март усогласена со колективните договори. Според Синдикатот на културните работници, тужбите за задоцнета исплата на плата во моментот се процесуираат.

Протестите ќе се одржуваат пред Министерството за култура секој ден од 13 часот.

Од Синдикатот посочуваат дека сите законски рокови се пробиени и три илјади вработени во културата се уште немаат земено плата.

Според претседателката на Синдикатот на културните работници Вера Атанасовска, за неколку дена три илјади вработени во културата заедно со нивните семејства ќе останат и без здравствено осигурување.

-И денес на 18 април плата за месец март се уште нема. Сите добро знаеме дека секогаш кога се спроведуваат колективни договори и кога се даваат финансиски ветувања истите треба да бидат усогласени со Министерството за финансии. Како министерката за култура на 1 април од истото ова место ветуваше покачување на платите за март ако претходно тоа исто покачување не го договорила со министерот за финансии за сега кој да биде виновникот за неисплаќањето на платите во културата, наведе претседателката на прес-конференција пред Министерството за култура.

Од почетокот на април, за проблемот со мартовските плати во културата, алармираа од СКРМ. Прво кажаа дека во диспозитивот од нацрт- решението за пресметка на примањата, што го добиле директорите, отсуствува одредбата од Општиот колективен договор , каде на основицата за пресметка следува зголемување од 10%. Министерката за култура ги демантира, со објаснување дека тој процент го има во член 14 од Општиот колективен договор. Од Синдикатот повторно реагираа дека поединци од министерството им се заканувале на директорите да не прават пресметки со зголемувањето зашто ќе добијат кривични пријави за злоупотреба на државниот буџет.

Министерката остана на ставот дека културните работници ќе добијат повисоки плати за 12% и дека постојат струи на кои им пречи враќањето на достоинството на вработените во културата.

Слични содржини