Договорена новата влада на Словачка: Ако одиме по пеколот, нека биде на голем бел коњ

од Nikola Popovski

Лидерите на партиите Смер и Глас, Роберт Фицо и Петер Пелегрини денеска на прес-конференција соопштија дека постигнале договор за формирање на Влада на Словачка.

На изборите победи партијата Смер со 23 отсто од гласовите, партијата Глас беше трета со поддршка од 14,7 отсто од гласачите, а трет коалициски партнер е конзервативната популистичка Словачка национална партија, која освои 5,6 отсто. Тие три партии во новиот состав на словачкиот парламент имаат 79 од вкупно 150 пратеници.

-Се договоривме за основите на коалицискиот договор кој сакаме да го потпишеме што поскоро, изјавил Фицо, пренесува Политико.

Тој соопштил дека новата влада ќе се соочи со повеќе фискални и геополитички предизвици, но смета дека нивното претходно искуство во водењето на Словачка – од 2006 до 2010 и од 2012 до 2020 година, покажало дека можат да бидат на висина на задачата.

-Ако одиме во пеколот, нека биде на голем бел коњ, рекол Фицо парафразирајќи словачка поговорка.

Пелегрини истакнал дека Словачка повеќе нема време или луксуз да формира влада чии членови учат како да управуваат и ќе и требаат месеци, ако не и години, за да ги премостат нивните екстремни идеолошки разлики.

-Затоа сум убеден дека нашата одлука за влез во оваа коалиција е правилна, рекол тој.

Во согласност со денешниот договор, Смер ќе има премиер и шест министерства, Глас седум, а Словачката национална партија три министерства.

Слични содржини