Државата повторно сака да ја пресметува минималната кошничка, ССМ обвинува за координирани напади

од Nikola Popovski
30 прегледи

Владата има намера повторно да ја креира основната минималната кошничка, поточно ДЗС или друго релевантно тело. Постои предлог кошничката да биде формирана од неколку членови од различни тела и дека таа ќе биде основна институционална кошничка и ќе ги земе во предвид сите потрошувачки елементи кои се релевантни. Сега во моментов кошничката ја креираат синдикатите.

Европската комисија нема директива по однос на потрошувачката кошница и секоја држава во регионот и Европа има и синдикална и кошница која ја формираат институциите. Ова денеска било дискутирано на Економско-социјалниот совет. Се очекува дека и членови на синдикатите да бидат дел од креирањето, но и од Министерството за економија, за финансии, Организацијата на потрошувачи, од Статистика…

ССМ ја креира синдикалната минимална кошница од 2010 година. Државните органи тогаш одлучија дека нема логика во нивните пресметки за тоа со колку пари може да се преживее во месецот.

Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов изјави дека денеска на дијалогот, очигледно, „сите сакаат да станат синдикат“. Половина седница се зборувало за кошничката. Како што вели, укажувањата биле дека е потребно независно тело да пресметува. ССМ ова го прави за да покаже каде треба да се движат владините и политиките на работодавачите во поглед на зголемувањето на платите и колку е доволно.

–  И денеска ДЗС пресметува близу 230 производи во нивната кошница кои се далеку понереални, каде што опфаќа ананас, јагоди, бадеми или некои други егзотични овошја…Доколку разговорите преминат во фаза на докажувања дека можеме да преживееме со далеку помалку, може треба да се пресмета просечна кошница која ќе биде над 2000 евра и ќе ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство, кажа Трендафилов по седницата на Економскиот-социјален совет. Според него, ова се директни и координирани напади и веројатно ќе се трудат да го замолчат ССМ. Најави дека ќе продолжат да ја пресметуваат месечната кошница.

Ова доаѓа откако минатата недела премиерот Христијан Мицкоски, од собраниската говорница во четвртокот рече дека имал докази дека се манипулира со цените на производите што се дел од синдикалната кошница, односно дека таа била „надуена“, како и дека „македонската јавност треба да знае дека врз грбот на народот се прави политика од најнизок вид, се манипулира при пресметката, а ја пресметуваат поранешни функционери од СДСМ“.

-За минималната синдикална кошничка дали сте ја виделе методологијата? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот лубеница и црешни во јануари не сум јадел, не знам за вас во СДСМ можеби ви е вообичаена пракса. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка која е со цени од неколку маркети кои во јавноста се познати како ексклузивни без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат Никола Попоски поранешен потпретседател на СДС, Драган Тевдовски поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ кој беше дел од Ленка, Левица па отиде советник кај Тевдовски, овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколку производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и пијалаци 3.000 денари е помала сумата од тие што се декларирани во минималната синдикална кошничка односно 15 отсто помалку. Ова ќе го презентирам на Социјално-економскиот совет и тоа со слики, да се видат вистинските цени, кажа Мицкоски одговарајќи на пратенички прашања.

Слични содржини