Експерти обвинуваат: Политичкиот пазар за директорските места меѓу Алијанса, Алтернатива, СДСМ и ДУИ дополнително го “поевтинува’’ имиџот на јавниот сектор

од Nikola Popovski
339 прегледи

Во обид да ја лоцираат објективната и логична димензија на политичките договори за конкретни ресори во Владата и распределбата на директорски позиции на државните институции , експертите се повеќе ја посочуваат втората страна на сликата. А, таа според нив не е во полза на доброто владеење.

Како спорни моменти наведуваат неколку. Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации ја посочува дилемата зошто се продолжува со оваа долгогодишна пракса иако неколку пати досега беше најавена професионализација во раководењето и управувањето со државните претпријатија.

Герман Филков

“За жал, не чувме од никого зошто некоја партија сака да го „земе“ некое министерство или претпријатие? Има ли поинаква и подобра замисла за политиката во таа област или им е потребно за некои други цели од кои ќе имаат корист само поставените министри, директори и партијата од која што доаѓаат. И спротивно, зошто се менуваат луѓето кои досега биле на тие позиции. Ако не биле добри, треба да знаеме сите, треба да има извештај и да одговараат за тоа’’, вели Филков во изјава за Локално.

Оттука, со сите овие постапки, вели тој, дополнително се поевтинува „имиџот“ што кај граѓаните го има јавниот сектор и уште повеќе се намалува довербата на граѓаните во институциите.

Филков потсетува дека јавните функции и позиции се некој да му служи на јавното добро и на граѓаните, а не на партиите и поединците.

Според него, апсурдноста на политичките пазарања само се надоврзува на истражувањата кои покажуваат лошо финансиско работење на државните претпријатија, недоволна транспарентност и партиски вработувања.

Негативниот ефект од политичките игри врз работата на државните институции ја посочува и политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Петар Арсовски

“Во основа, ние не создадовме вистински државни службеници, ниту втор и трет ешалон кој ќе ја познава и ќе биде институционална меморија и нема да биде предмет на партиски преговори. Бидејќи таков слој не создадовме, ние немаме добра институционална меморија. Секоја нова политичка гарнитура си почнува од почеток и бидејќи е преполнета јавната администрација со партиски кадри, секоја нова политичка гарнитура се обидува да ја исчисти и повторно да ја наполни со свои луѓе’’, вели Арсовски за “Локално”.

Оттука, како исклучително лоша ја оценува праксата во која пребрзо се менуваат луѓето на раководните позиции. Посочува дека би било многу пополезно да им се остави простор на директорите да реализираат нешто од својата програма, а не како досега често да се менуваат со други кадри кои отпочеток треба да се запознаат со природатата на работата.

Како особено спорен, Арсовски го посочува и фактот дека не се внимава на корелацијата меѓу образованието и дејноста што се бара, па така на пример се поставуваат директори кои често се со дипломи од целосно несоодветни студиски програми. На овој начин, вели Арсовски, дебатата се симнува на ниво на партиска поделба, а не на ниво кој би бил најдобар човек од целата коалиција за некоја раководна позиција.

Оттука според експертите, крајно време е да се издвои квалитетот како основен критериум, односно на чело на државните институции да се постават професионални луѓе со визија и програма за работа. Само на тој начин велт тие, јавните функции и позиции ќе почнат да служат на јавното добро и на граѓаните што е и основната цел на нивното работење.

К.В.С.

Слични содржини