Елитните британски специјални сили обучуваат украински војници

од Vladimir Zorba

Припадниците на САС (Специјална воздушна служба), најелитната единица на британските специјални сили, обучуваат украински војници во Киев, објави британски „Тајмс“.

Тие ги учат како да ги користат британските рачни противтенковски ракети NLAW. Ова е првпат од почетокот на руската инвазија, припадниците на британската армија во Украина да ги обучуваат своите украински колеги, пишува „Тајмс“.

Двајца украински офицери од различни баталјони, лоцирани во и околу Киев, потврдија за „Тајмс“ дека британските специјалци ги обучувале украинските сили во два наврати во последните 14 дена.

Припадниците на британската армија беа присутни во Украина од руската анексија на Крим во 2014 година, но се повлекоа во февруари, кога стана веројатно дека рускиот претседател Владимир Путин ќе нареди напад врз Украина. Извештаите за британските специјални сили кои тренираат Украинци доаѓаат во време кога Русија предупредува дека мешањето на Западот во конфликтот, што се однесува на испраќање оружје во Украина и обука на украински војници, може да значи ширење на конфликтот.

Британија испрати повеќе од 3.600 модерни рачни противтенковски ракети NLAW во Украина од февруари.

Британското Министерство за одбрана во одговор на „Тајмс“ напиша дека не сакаат да ги коментираат овие извештаи во согласност со долгогодишната практика и политика на британската влада да не ги коментира активностите на специјалните сили.

Слични содржини