Европската агенција за лекови ја одобри вакцината против ковид-19 на компанијата „Модерна“.
Европската агенција за лекови (ЕМА) препорача денес да се даде условно одобрение за продажба на вакцината на компанијата „Модерна“ за превенција на коронавирус кај лица постари од 18 години.
Вакцината покажа стапка на успешност од 94,1 процент и стана втората вакцина за спречување на ковид 19 што ЕМА ја препорача за употреба во ЕУ.
„Оваа вакцина ни обезбедува уште една алатка за надминување на моменталната вонредна состојба“, рече извршниот директор на ЕМА, Емер Кук.
Во изјавата на ЕМА се вели дека Комитетот за лекови за луѓе „темелно ги процени податоците за квалитетот, безбедноста и ефикасноста на вакцината и со консензус препорача официјално условно одобрување за пуштање во промет“.
Ефективноста на вакцината е пресметана за околу 28.000 лица на возраст од 18 до 94 години, кои немале знаци на претходна инфекција и покажува 94,1 процентно намалување на бројот на симптоматски случаи на ковид кај луѓето кои ја примиле.