ЕУ ги осуди заканите на Медведев до Меѓународниот кривичен суд

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија (ЕУ) денеска ги осуди заканите упатени од висок функционер на Русија до Меѓународниот кривичен суд и Холандија, како земја домаќин на тој трибунал, поради налогот за апсење на рускиот претседател Владимир Путин, објави денес Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).

Заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев, изјави дека обидот на која било земја да ја спроведе одлуката на Меѓународниот кривичен суд за апсење на Путин би бил еднаков на објава на војна.

„Европската унија му дава целосна поддршка на Меѓународниот кривичен суд. Било каква мерка на одмазда кон инволвираните во работата на судот е неприфатлива. Водејќи ја борбата против неказнивоста, Трибуналот мора да може да работи независно и непристрасно“, се додава во соопштението.

Унијата останува посветена да го брани Судот од какво било надворешно мешање, опструкција и поткопување на меѓународниот правосуден систем.

Во соопштението на ЕЕАС се наведува дека ЕУ ќе продолжи да се залага за универзалност на Римскиот статут и ги повикува сите држави кои сè уште не го сториле тоа да се приклучат на Меѓународниот кривичен суд и на тој начин да стават крај на неказнивоста за најтешките злосторства.

Слични содржини