Комесарот за проширување Јоханес Хан вели дека е уверен оти земјите-членки на ЕУ ќе дадат зелено светло за почеток на пристапни преговори со Македонија.

Од Иванов се бара минимум пристојност
Договорот на премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев кој би требало да му стави крај на деценискиот спор околу името и даде замав на европската политика на проширување во регионот.
„Претставниците и на најнеодлучните земји-членки констатираа дека доколку има решение за името, тоа ќе создаде морален притисок врз сите нас да реагираме“, вели комесарот Хан.
Тој е уверен дека земјите-членки на ЕУ на крајот на јуни во Брисел ќе ја поддржат препораката на Европската комисија и ќе одредат датум за почеток на преговори. Уште повеќе, Хан смета дека земјите-членки сфатиле оти имало грешки од страна на ЕУ кога е во прашање Македонија.
„Ако девет пати не одговорите позитивно на препораката за почеток на пристапни преговори тоа води кон назадување на земјата, како што и видовме, а кулминација беше 2015 година“.
Од зборови на дела
Во Европската комисија сметаат дека договорот на Скопје и Атина ги содржи и следните чекори околу тоа што, кога и како треба да се спроведе и дека во таа смисла земјите-членки не би требало да се сомневаат во можноста од спроведување на зборовите во дела, што досега беше честа пракса на Балканот.
Се наведува дека и натамошното одбивање на претседателот Иванов да стави потпис врз договорот нема да има влијание врз одлуката на ЕУ за почеток на преговори.
Минимум пристојност
„Главната порака за Иванов е дека претседателот на една држава мора да биде подготвен да ги сослуша својот премиер и министер за надворешни работи. На него останува да го донесе својот суд и да има свое мислење, но минимум пристојно однесување е да се сослуша премиерот“, вели Хан.
Комесарот објаснува дека зеленото светло на следниот самит на ЕУ за Македонија, не значи и автоматски почеток на преговорите, туку најпрво почеток на процесот на скрининг.
Скринингот претставува преглед на ускладеноста на законодавствата на државата кандидат со правниот поредок на ЕУ и е почетен чекор во процесот на преговори. Во случајот на Црна Гора и Србија, скринингот траеше две години, односно една и пол година.
Од објавувањето на новата Стратегија за проширување на ЕК, во Брисел можеше да се слушне дека покрај Црна Гора и Србија, кои веќе ги водат преговорите, токму Македонија би можела да се најде меѓу првите претенденти за членство во ЕУ. Истовремено се предупредува и дека во случај на продолжување на „нејасната политика на ЕУ во регионот“ би дошло до поништување на сите постигнати резултати и дека тоа би го вратило Западниот Балкан во агонија.
„А тоа не е во наш интерес“, заклучува Хан.
Извор: дв