ЕУ се договори околу нови санкции за Хамас, но и за израелските доселеници

Ова е првпат ЕУ да одлучи да воведе санкции за израелските доселеници, следејќи ги чекорите на САД и на Велика Британија.

од Бети Божиноска

Министрите за надворешни работи на земјите од Европската Унија денеска начелно се договорија да воведат санкции за израелските доселеници кои ги напаѓаат Палестинците на окупираниот Западен Брег и да ги заострат санкциите кон припадниците на милитантниот Хамас.

Ова е првпат ЕУ да одлучи да воведе санкции за израелските доселеници, следејќи ги чекорите на САД и на Велика Британија, пренесува „Ројтерс“.

Европската унија воведе санкции против Хамас по смртоносниот напад на милитантната група во јужен Израел на 7 октомври.

„Постигнат е цврст компромис на работно ниво и се надевам дека ќе продолжи се додека санкциите не бидат целосно усвоени, но политичкиот договор е тука“, изјави шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел.

ЕУ, исто така, изрази загриженост за зголеменото насилство врз Палестинците на Западниот Брег.

Сега се планира да се воведат дополнителни санкции кон Хамас, пред да бидат воведени санкции за израелските доселеници, посочија дипломатите.

Ројтерс наведува дека одвојувањето било важно за членките на ЕУ блиски до Израел, како што се Германија, Австрија и Чешка, бидејќи тие сакале јасно да стават до знаење дека Хамас не се поистоветува со израелските доселеници.

Унгарија даде најголем отпор кон воведувањето санкции против израелските доселеници, но неодамна ја омекна својата позиција, велат дипломатите. На доселениците им се закануваат забрани за патување и замрзнување на имотот.

Слични содржини