Европски дипломат: Сè уште има простор за почеток на преговори меѓу С. Македонија и ЕУ

од Nikola Popovski

Сè уште е можно да се одобри рамката за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ на Северна Македонија и Албанија до крајот на годината, изјавил анонимен висок дипломат на ЕУ, пренесува Бугарското национално радио (БНР).

Според него, продолжуваат напорите за постигнување договор во спорот меѓу Софија и Скопје. Дипломатот истакнал дека отворените прашања се целосно билатерални.

Тој појаснил дека дури и ако Советот на ЕУ едногласно ја одобри рамката за преговори, таа исто така мора да биде одобрена од Северна Македонија и Албанија. Според него, прашањето ќе се дискутира на состанокот на Советот на ЕУ утре, но се чини дека одлуката засега е одложена. Според него, нема никакви пречки за одобрување на рамката за преговори за Албанија.

Портпаролот на Европската комисија подоцна побара што е можно побрзо свикување на првата меѓувладина конференција за започнување на пристапните преговори. За да се овозможи ова, Советот на ЕУ треба едногласно да ја одобри рамката за преговори, истакнал тој, пренесува Бугарското национално радио. Не можеме да предвидиме кога тоа ќе се случи. Ги охрабруваме двете страни да продолжат со своите напори за изнаоѓање решение, додал портпаролот.

„Ние сè уште веруваме дека постои шанса да се преговара за рамка за преговори со Северна Македонија, ние продолжуваме да работиме со двете земји“, вели европски дипломатски извор за најавената намера на Бугарија да стави вето на ова прашање. Тој потсетил дека утрешниот Совет за општи работи, на кој ќе се разговара за датум за меѓувладина конференција за Северна Македонија и Албанија, ќе се одржи преку видео конференција, на која не може да се донесат конкретни одлуки. Изворот додал дека има уште време, иако не многу, бидејќи конференцијата мора да биде свикана до крајот на годината.

„Сè уште работиме со Софија и Скопје“, нагласил тој. Изворот додал дека билатералните договори не се дел од пристапните преговори, а одлучувачка е методологијата врз основа на која се зема предвид исполнувањето на критериумите за нивно започнување.

Европската комисија одби да го коментира барањето на Бугарија да вклучи дополнително поглавје во рамката за преговори на С. Македонија за следење на спроведувањето на билатералните договори на нашата земја со земјите-членки на ЕУ.

Слични содржини