ФБИ објави доверлив документ за нападите во 2001 година

од Vladimir Zorba

На 20 -годишнината од терористичкиот напад на 11 септември, ФБИ објави доверлив документ за логистичката поддршка што ја имале саудиските напаѓачи.

Иако во документот се наведува дека киднаперите имале поддршка од Саудијците кои живеат во Америка, нема докази за вмешаност на саудиски службеници во терористичкиот напад, објави Гласот на Америка.

Овој документ е и првиот што е објавен откако претседателот Џозеф Бајден нареди отстранување на ознаката за доверливост од материјалите поврзани со нападот. Се работи за интервју што ФБИ го спроведе во 2015 година со човек кој често контактирал со Саудијците во САД и ја поддржал идејата дека напаѓачите прво ќе дојдат во Америка, а потоа ќе го изведат нападот.

Минатата недела, Бајден му нареди на Секретаријатот за правда да ја отстрани ознаката за доверливост од документите. Семејствата на жртвите веќе долго време бараат да се отворат досиејата, и тие поднесоа тужба против владата на Саудиска Арабија до судот во Њујорк, тврдејќи дека ги поддржува напаѓачите.

Документот беше објавен во саботата навечер, неколку часа откако Бајден присуствуваше на комеморативна церемонија во Њујорк, Пенсилванија и Вирџинија. Семејствата на жртвите се спротивставија на присуството на претседателот, доколку тој не нареди да се отстрани тајноста на доверливите документи.

Саудиската влада долго време негираше вмешаност во нападите. Амбасадата на таа земја во Вашингтон објави дека поддржува објавување доверливи документи и дека „еднаш засекогаш ќе завршат обвинувањата против кралството“. Исто така, амбасадата негира каква било вмешаност на Ријад.

Веднаш по нападот се појавија шпекулации за поврзаност меѓу Саудиска Арабија и напаѓачите, бидејќи е утврдено дека 15 од 19 терористи се Саудијци, а Осама бин Ладен, водачот на Ал Каеда, потекнува од познато саудиско семејство.

САД спроведоа истрага за некои дипломати и поединци поврзани со саудиската влада кои ги познавале напаѓачите, покажуваат досега објавените документи.

Сепак, комисијата што го истражуваше нападот на 11 септември, не најде докази дека владата на Саудиска Арабија ги финансирала нападите извршени од Ал Каеда, туку дека парите можеле да стигнат преку хуманитарни организации.

Слични содржини