Ферари ги следеле новите трендови при изборот на Леклер

од Vlatko K

Доаѓањето на помлади пилоти во Формула 1 беше во основата на одлуката на Ферари да се обложи на Шарл Леклер на местото на Кими Раиконен за следната сезона, објави шефот Маурицио Аривабене.

За многумина „Скудерија“ изненадувачки го игнорираше искусниот Финец за сметка на талентираниот и млад пилот, кој ќе наполни 21 години во октомври.

„Времињата се менуваат. Многу е важно да ја зачуваме нашата ДНК, но исто така да мислиме и за иднината. Ако се погледне ситуацијата во боксот, ќе видите дека Ред Бул ќе го има Гасли до Верстапен, а Мекларен ќе ги имаат Сајнц и Норис, кој исто така е дебитант“, објасни Аривабене.

„Пред две години, Мерцедес го направи својот избор за Ботас, гледајќи во иднината. Најдобар начин да се освои нешто е да направиш таков потег, да развиеш талент, кој освен тоа е од академијата на Ферари“, додаде шефот и изјави дека при одлуката шефовите не ја почитувале желбата на Себастијан Фетел, кој сакал Раиконен да остане .

„Себастијан е наш пилот, а не шеф, со сета моја почит кон него. Мојата работа е да ја погледнам целата слика, да разговарам со работите со шефовите и да им дадам долгорочен план. Размислувајќи за иднината, одлуките се донесуваат токму од менаџерскиот тим, а не од пилотот“, категоричен беше тој.

Слични содржини