бизнисБерлин – Германското индустриско производство падна во јули оваа година по највисока стапка во две години, бидејќи производството се намали под влијание на намалената глобална трговија. Производството во јули, според сезонски прилагодените податоци, падна за 1,5 отсто во однос на претходниот месец, кога, според ревидираните статистички показатели, е забележан негов раст од 1,1 процент, покажаа објавените податоци на Министерството за стопанство во Берлин.

Киев – Затворањето на рускиот пазар за украинските фирми нанесе на Украина загуба од најмалку 15 милијарди долари, изјави претседателот на таа земја Петро Порошенко. „Агресивното затварање на рускиот пазар беше економски шок за Украина. Изгубивме илјадници работни места, а оваа економска агресија е клучна причина за падот на животниот стандард” – рече Порошенко во годишното обраќање во украинскиот парламент.

Загреб – На хрватското приморје престојуваат претежно семејства со деца, кои внимаваат колку трошат. А Хрватска од неодамна привлекуваат и други групи на туристи. Многу помал удел во хрватскиот туризам имаат групи кои помалку гледаат на трошоците, патуваат надвор од летните гужви, сакаат да имаат лагоден одмор и да се почестат. Како што пишува Пословни дневник, Хрватите многу ги занемариле сениорите, што не се вклопува во визијата за развој на здравствениот туризам.

Њујорк – Брегзитот и неможноста за пристап на пазарите на ЕУ можат да го влошат дефицитот на тековните плаќања на Обединетото Кралство, кој веќе е блиску до рекордот. „Долгорочно гледано, можно е Обединетото Кралство да го задржи пристапот на пазарите во ЕУ и статусот на глобален финансиски центар” – се наведува во електронскиот допис на директорот на њујоршката бонитетна агенција Фич, Џејмс Мекормак.

Загреб – По една година работење во Хрватска, Убер наскоро има намера да се прошири и на Словенија. А од компанијата велат дека се задоволни од работењето во Загреб. Тоа го потврди регионалниот директор на Убер за југоисточна Европа, Давор Тремац во разговор за СТА. Тој се надева дека компанијата ќе почне со работа во Словенија до крајот на годината и не очекува посебен отпор.

Женева – Палестинската економија може да биде дупло посилна ако не ги трпи последиците од израелската окупација, соопшти Агенцијата на ОН за индустриски развој и трговија. Оваа агенција на ОН со години ги следи настаните на палестинската територија, но во најновиот извештај првпат укажува на „фрапантен економски трошок” поради израелската окупација.

Вашингтон – Златото го продолжува својот најголем дневен раст од јуни и со него се тргува близу максимумот во три недели во чиј тек ослабе доларот. Доларот бележи пад поради намалените шанси за зголемување на американската каматна стапка, извести Блумберг. Цената на шипка злато за моментална испорака беше за 0,2 проценти повисока и изнесуваше 1.352,16 американски долари по унца (околу 47 долари по грам) во Сингапур, по скокот од 1,7 проценти во вторникот, што е најголем скок уште од објавата на резултатот од гласањето за или против Брегзит на 24 јуни, според генеричките цени на Блумберг.

Загреб – Американската стопанска комора во Хрватска (AmCham) предложи низа мерки за подобрување на конкурентноста на хрватското стопанство преку даночната реформа. Хрватскиот даночен систем го одбележуваат нагли и чести промени кои доведуваат до нестабилност и непредвидливост на деловната средина, се наведе во соопштението на оваа комора. Трошоците за воведување на ненадејни или недоволно разработени законски измени се високи, а тоа го ограничува развојот на работењето бидејќи дел од ресурсите се ангажираат на прилагодување на интерните процеси на законските измени, наместо на пазарната конкуренција, велат во Американската стопанска комора (AmCham).

Лондон – Британската преработувачка индустрија падна во јули со најбрзо темпо во една година, потврдувајќи ги претходните сигнали дека фабриките претрпеле директен удар по Брегзитот. Преработувачкиот сектор во јули падна за 0,9 отсто по намалувањето од 0,2 проценти во јуни, соопшти британската Канцеларија за национална статистика (ONS)./MIA

Слични содржини