Фон дер Лајен предлага ценовни ограничувања на рускиот гас

од Nikola Popovski

Европската комисија (ЕК) предлага ограничување на цените на рускиот гас, објави денеска претседателката на таа институција Урсула Фон дер Лајен, неколку часа откако рускиот лидер Владимир Путин изјави дека идејата е „глупост“.

„Целта овде е многу јасна. Мораме да ги намалиме руските приходи што Путин ги користи за финансирање на оваа ужасна војна против Украина. На почетокот на војната, рускиот гас сочинуваше 40 отсто од вкупниот увезен гас. Денес тоа е само девет проценти од нашиот увоз на гас“, нагласи Фон дер Лајен.

Според претседателката на Европската комисија, испораката на гас од Русија е значително намалена и дека Норвешка во моментов ја снабдува Европа со повеќе гас од Русија, пренесува Радио Слободна Европа.

Фон дер Лајен подвлече дека Европа се соочува со „астрономски цени“ на струјата за домаќинствата и компаниите и огромна нестабилност на пазарот, а Комисијата предлага низа итни мерки кои ќе ги заштитат ранливите потрошувачи и бизниси.

Сепак, Путин истакна дека Москва ќе одговори на ограничувањето со целосно прекинување на испораките, пренесе Би-Би-Си.

„Нема да испорачаме гас, нафта, јаглен, нафта за греење. Нема да испорачаме ништо ако тоа е спротивно на интересите на Русија“, рече тој денеска на економскиот форум во градот Владивосток на далечниот исток.

Министрите за енергетика од земјите од Европската унија ќе се сретнат на 9 септември за да разговараат за тоа како да се олесни товарот од високите цени на енергијата за компаниите и домаќинствата.

Слични содржини