Фондот на Бафет стекна удел од 11% во HP Inc.

од Vladimir Zorba

Berkshire Hathaway во средата соопшти дека купила речиси 121 милион акции на HP Inc. Ова е последната во серијата големи инвестиции на конгломератот, контролиран од милијардерот Ворен Бафет.

Инвестицијата му даде на Berkshire приближно 11,4% од акциите на HP во вредност од околу 4,2 милијарди долари, врз основа на конечната цена на акцијата на компанијата за компјутери и печатење во средата (34,91 долари).

HP, со седиште во Пало Алто, Калифорнија, има околу 1,06 милијарди акции заклучно со 31 јануари.

Стекнувањето на значителен удел во HP е трета голема инвестиција на Berkshire од 26 февруари. Тогаш Бафет во своето годишно писмо до акционерите рече дека „домашните можности обезбедуваат многу подобри приноси отколку превземањата“, објави Ројтерс.

Корпорацијата подоцна откри дека поседува 14,6% од акциите во Occidental Petroleum Corp., што ја чинеше повеќе од 6 милијарди долари. Потоа, на 21 март, Berkshire ја купи осигурителната компанија Alleghany Corp. за 11,6 милијарди долари во готовина.

Пред да го објави купувањето на Alleghany, Бафет помина шест години без да направи некои поголеми аквизиции. Ова на крајот му овозможи на Berkshire да акумулира 146,7 милијарди долари во готовина и еквиваленти.

Од најавата на Berkshire не е јасно дали Бафет или неговите менаџери на портфолио, Тод Комбс и Тед Вешлер се одговорни за стекнување на удел во HP, но пазарните набљудувачи посочуваат дека таквите големи инвестиции обично се дело на милијардерот.

Бафет е, исто така, одговорен за поседување удел во Apple, компанија која тој ја опишува како една од големата четворка според вредноста на неговиот конгломерат. Останатите три компании се осигурителите на Berkshire, железничката компанија BNSF и Berkshire Hathaway Energy.

Слични содржини